Столе Попов го доби „Златниот објектив“ на Кинотека

Режисерот, сценарист, продуцент и автор Столе Попов е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2024 година, што ја доделува Кинотеката. Попов во голема мера ја задолжил националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус, така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на филмската уметност и филмското образование.
Свеченото доделување на „Златниот објектив“ на нашиот голем доајен на филмската уметност ќе се одржи кон крајот на мај годинава, во просториите на Кинотеката.

Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец „Оган“(1974) и „Австралија, Австралија“ (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Од 1978 година, се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со „Дае“, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонскта, туку и на југословенската кинематографија во тоа време. Потоа, снима бројни рекламни филмови – за Алкалоид, ГП Маврово и ХЕК Југохром, а првиот негов игран филм – „Црцениот коњ“, го реализира во 1981 година.

По тоа следуваат долгометражните „Среќна Нова ‘49“ (1986), „Тетовирање“ (1991), „Џипски меџик“ (1997) и „До балчак“ (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“ во тоа време.

Во 2011 година – неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание – што воедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од страна на Кинотеката.
Речиси сите негови филмови – и документарните и играните – се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив – како на пример „Тетовирање“ и „Среќна Нова ’49“ – се здобиваат и со култуен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика, и тој статус само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето…! Тоа е и еден од најголемите и вистински показатели за неговата авторска оригиналност и специфична филмска естетика и квалитет – заедно со неговата филмска оставштина и залог помеѓу поновите генерации на филмски автори и промислувачи на филмот кои дошле и доаѓаат по него – поттикнати, окуражени и инспирирани од неговиот длабок естетски и специфичен филмски опус, и од неговиот високо значаен стилски авторски белег кој тој го остава во македонската кинематографија…

По повод Денот на Кинотеката, на 29 април сите кинотечни печатени и електронски изданија на Кинотеката досега: значајниот број издадени книги од областите на кинотечната и филмска наука, историја и уметност, сите изданија на кинотечното списание „Кинопис“и сите дивиди-изданија на Кинотеката – ќе се продаваат со „роденденски“ попуст од 50%, во просториите на Кинотеката…

Сподели