Македонска делегација на конференција на Балканската музејска мрежа во Тиват

Македонска делегација составена од 12 члена активно учествуваше на годинашната конференција на Балканската музејска мрежа „Meet, See Do! 2024“ („Запознај, види, направи!“) што се одржа во Тиват, Црна Гора. На собирот учествуваа повеќе од 70 учесници од 17 земји, со двајца клучни говорници, три панел дискусии и 13 паралелни работилници.

Конференцијата се одржа во оптината, а три работилници кај домаќинот – Музеј и галерија Тиват. Главна тема на конференцијата беше „Зачувување/ заштита на културното наследство за време на кризи“, но со повеќе поттеми.

На панел дискусиите беа претставени европските проекти Хоризонт, SHIFT и AURORA, каде Балканска музејска мрежа е партнер. Според д-р Ирена Ружин, член на Извршниот одбор на Балканска музејска мрежа, музејска конференција е карактеристична по тоа што се раѓаат голем број идеи за нови проекти, партнерства, нови знаења и вештини, во исклучително пријатна атмосфера.

– Особено нè радува што учесниците секогаш се инспирираат слушајќи ги врвните експерти, комуницирајќи и споделувајќи искуства со музејски професионалци од регионот. Балканска музејска мрежа е голем поддржувач на регионална соработка. Во неа членуваат голем број македонски музеи и музејски професионалци, кои во изминатите години добија мали грантови и имаа можност да присуствуваат на изминатите конференции – вели Ружин.

Ова беше 8. конференција на Балканска музејска мрежа. Деновиве е објавен новиот повик за проекти, фонд поддржан од Хедли Траст од Велика Британија (the Headley Southeast European Cultural Heritage Fund 2024-2026).

Сподели