Театарот опстојува многу векови токму поради строгоста на врвните проникливи креатори и критичарите, а сè друго е директна покана за медиокритетот.
Спротивно на мислењата, многу потешко е да се напише осврт за лоша, отколку за добра претстава. Добрата претстава сама по себе инспирира, додека кај послабите изведби, предизвикот е да се најде конструктивен пристап што ќе предложи поинаква перспектива, а не само критика. Преку текстовите сакам да понудам не само критички осврт, туку и можност за едукација, како на читателите, така и на мене како автор, па дури и на самите уметници понекогаш, вели Звонко Димоски, културолог, театарски рецензент, преведувач, менаџер во културата. Неговата книга „Современи театарски осврти“ ќе биде промовирана вечерва во 19.30 часот во книжарницата „Буква“ во Скопје. Што сè’ содржи неговото издание и како се селектирани текстовите поместени во него?

Звонко Димоски е и преведувач и препејувач од полски јазик, едукатор, долгогодишен предавач на Универзитетот „Адам Мицкјевиќ“ во Полска, идеен креатор и менаџер на проекти од областа на културата и социјалното претприемништво. Основач и проектен менаџер на „Јавен Простор Прилеп“.
„Современи театарски осврти“ е Ваше прво издание во кое се собрани 20-ина рецензии за претстави од репертоарот на националните театри, но и независната сцена. Во колкав период се создавани овие текстови?
– Текстовите објавени во првата книга осврти создавани се од 2021 до 2024 година, односно во периодот кога почнав многу активно, темелно и посветено да ја следам, вреднувам и размислувам театарската и уметничката сцена во Македонија, обидувајќи се, исто така, да ја анализирам и надвор од нејзиниот локален/регионален контекст. Овој временски период е одбран и од аспект на моето физичко присуство, кое активно ми овозможи да бидам дел од театарската и културолошката реалност. Сметам дека не би било во ред да вклучам претстави кои сум ги проследил претходно, без да имам можност да ги ставам во временска корелација со тукашните општествено-социјални промени и движења.
Ви беше ли тешко да изберете кои текстови да ги изберете? По што се водевте при изборот?
– Секако дека изборот на текстовите беше предизвик, бидејќи бројот на одгледани претстави е далеку поголем од бројот на објавени осврти. Крајниот критериум беше многу едноставен, односно одбрав претстави кои мене лично ме инспирирале или испровоцирале, со цел да настанат текстови кои нема само да ги потенцираат суштинските пристапи и ја нагласуваат интердисциплинарноста, субверзивноста и интермедијалноста, туку и ќе ги детектираат слабостите, трендовите и предизвиците со кои се соочува современиот македонски театар. Такви кои имале потенцијал да донесат инспиративен и провокативен материјал, кој ќе проба да развие дискусија и создаде мост помеѓу театарџиите и публиката, поттикнувајќи интерпретативно разбирање и вреднување на театарската форма.
Интересно е дека, спротивно на мислењата, многу потешко е да се напише осврт за лоша, отколку за добра претстава. Добрата претстава сама по себе инспирира, додека кај послабите изведби, предизвикот е да се најде конструктивен пристап што ќе предложи поинаква перспектива, а не само критика. Понатаму, преку текстовите сакам да понудам не само критички осврт, туку и можност за едукација, како на читателите, така и на мене како автор, па дури и на самите уметници понекогаш.
Вие сте еден од ретките театарски критичари/проследувачи на театар кои немате влакна на јазикот, односно буквално кога е за фалење фалите, но кога е за критика – критикувате со аргументи. Сте имале ли непријатни искуства поради вашата искреност од луѓе за кои сте пишувале?
– Долго размислував дали воопшто да почнам да пишувам, бидејќи мојот сопствен критериум го надминуваше моето знаење и постојаното истражување, и преминуваше во сферата на искреноста. Немам проблем да анализирам претстава во контекст на драматургијата, режисерската визија, актерската изведба и нејзината вредност, и уште поважно, функционалноста на претставата во денешниот свет. Без разлика на реакциите, секогаш ќе барам одговор на овие прашања. Не би рекол дека сум имал непријатни искуства, но непријатни коментари – секако. Најчесто тие доаѓале во форма на приватни пораки, каде што се доведувале во прашање мојата стручност, образованост или, пак, „дрскоста“ воопшто да пишувам на таков начин.

Сметам дека мојата упорност во деталната анализа, споредбите со светскиот театар и укажувањето на недостатоците, на почетокот беше една од причините за одземање на правото на повикување на аргументиран дијалог. Но, важно е да се нагласи дека истовремено постоеше и поддршка, која со текот на времето резултираше со создавање публика што ги очекуваше моите осврти. Театарот опстојува многу векови токму поради строгоста на врвните проникливи креатори и критичарите, а сè друго е директна покана за медиокритетот.
Токму во Прилеп на првата промоција на книгата се разви интересна дискусија со актерите од Прилепскиот театар и присутната публика. Се отвори и темата дали воопшто треба да постои критика. Ваш коментар?
– Сметам дека театарската анализа и критика се многу важен сегмент од развојот на сценската уметност, воопшто, а дискусиите како оваа во Прилеп само ја потврдуваат отсутноста и потребата од такво делување, но што е многу посуштинско, го детектираат моментот на отсутност и недостиг на желба и потреба за развивање на дијалог, не само со проследувачите на театарот и тие што го креираат, туку и меѓу нив и публиката. Театарот отсекогаш бил една од платформите за дијалог со времето, со општеството, со публиката и токму затоа, критичката мисла никако не треба да се сфаќа како напад, туку како можност за заемна уметничка и интелектуална надградба, и секако општествен и социјален коментар. Критиката, кога е аргументирана и конструктивна, не би требало да ги разединува уметниците и критичарите, туку да ги поврзува во заедничка мисија – унапредување и поголема популаризација на театарската уметност. Токму низ ваквите размислувања можеме да ја вратиме културата на театарски дијалог во кој различните гледишта не се судираат, туку се надополнуваат.

Вие сте човек што се занимава со повеќе работи, културата општо е Ваша дејност. На што сте фокусиран во последниот период?
– Мојот фокус останува доследен на идејата за локално делување, промовирање на локалниот контекст и градење капацитети, како и на иницијативи што придонесуваат кон децентрализација на културата во земјата. Иако темпото на моите активности можеби се менувало низ годините, оваа основна насока останува непроменета и постојана. Голем дел од овие идеи не се институционално поддржани или реализирани како проекти, но нивната вредност се чувствува во заедницата. Во таа насока, од името на главните организатори, би сакал да ги поканам сите заинтересирани да го проследат 9. издание на прилепскиот Интернационален фестивал на кратки филмови „Winter apricots“, кое ќе се одржи од 6 до 8 февруари. Моментално работам на нови препеви/преводи, како и на концепт за репортажна книга за Андалузија – регион што често го посетувам и кој има длабоко инспиративно влијание врз мене. Оваа книга би бил мој обид да го доловам неговиот дух, историја, културни и етнички промени низ историјата, преку личен и истражувачки пристап.
Книга 1, најавува дека ќе следува и книга 2. Каков е планот за да се развива ова дело?
– Книга 2 секако ќе следува, мојата идеја и желба е следната театарска да излезе на две-три години. Но, броевите повеќе ми се замислени како моите идни есеистички книги, и претпоставувам дека нема секој пат да се однесуваат на театарот. Би сакал на пример една да биде збир на мои постари академски текстови кои никогаш претходно не биле објавени во Македонија, а ја допираат литературата, уметноста и културното наследство.
Фотографии: Станислава Костиќ





