Уметничката порака на Гинчанка е „херојската радост“ од самото постоење, дури и кога е обележана со егзистенцијална вознемиреност или необичност
Пишува: Звонко Димоски
Зузана Гинчанка (род. Сара Полина Гинцбург) била полско-еврејска поетеса и сатиричарка во периодот помеѓу двете светски војни. Родена е 1917 година во Киев, израсната со својата баба во Ровно, а убиена 1944 година во Краков. Нејзините родители (Симон и Сесилија), бегајќи од руската граѓанска војна, се населиле во Ровно (1922), источните граници на предвоена Полска. Гинчанка била одгледана од нејзината баба по мајка, Клара Сандберг, бидејќи после разводот на родителите, нејзиниот татко емигрирал во Соединетите Американски Држави, а подоцна ја напушта и мајка ù, која откако се омажила, емигрирала во Шпанија. Првите години од војната ги поминала во Лавов, каде се вработила како сметководителка и се омажила за Михал Вајнцихер, уметнички критичар. Поради своето еврејско потекло, била пријавена од жена по име Хоминова, куќна помошничка на сопственикот на станот во којшто живеела поетесата. Сепак, успеала да ù побегне на милицијата, а самиот настан, како и многу други инциденти и осудувања, Гинчанка, со тревожна горчина ги опишува во песната „Non Omnis Moriar“, едно од најтрогателните сведоштва за страдањата на Евреите во полската литература. Во 1942 година, таа и нејзиниот сопруг нашле засолниште во Краков, каде зимата 1944 година Гестапо ја уапсува, а подоцна била застрелана во дворот на затворот во Монтелупич, само неколку недели пред Црвената армија да влезе во Полска.
Порасната во Ровно, тогашен значаен културен центар, каде се вкрстувале патиштата на сите оние кои тргнувале кон Истокот, и оние кои сакале што побрзо да се вратат во срцето на Европа. Фасцинирана од поезијата на Јулијан Тувим и прозата на Ева Шелбург-Зарембина, таму, самостојно го научила полскиот јазик, бидејќи нејзиното семејство го користело рускиот јазик.
За време на својот краток живот (27 год.) објавила само една стихозбирка, односно „За кентаурите“, истата за првпат преведена на македонски јазик од Звонко Димоски, во издание на „Ма продукција – Подружница МАМА“. Зад себе, освен поезија којашто во последните неколку години повторно се популаризира и актуелизира поради својот квалитет и тематски инспирации, оставила трагична биографија и легенда за пркосна дама која фасцинирала со својата мистериозна убавина, но и интригантна лирика, која е израз на нејзината единствена и комплексна личност.
Дебитирала со песната „Uczta Wakacyjna“ („Празнична гозба“, 1931), објавена во весникот на полската гимназија во Ровно. Првично, нејзините дела ги потпишувала со презимето Гинбуржанка. Во 1934 година, нејзината песна со наслов „Gramatyka“ („Граматика“), главно програмска, била наградена за време на Турнирот на млади поети организиран од реномираното списание „Wiadomości Literackie“ („Литературни вести“). Тоа ќе биде еден од најважните текстови вклучени во нејзината дебитантска збирка „За кентаурите“, составена од само седумнаесет песни, објавена во 1936 година. Оваа збирка и тогаш деветнаесетгодишната Гинчанка, предизвикаат вистинска сензација во полската книжевна заедница.
Збирката била примена ентузијастички, со пофалби за зрелоста на текстовите, имагинацијата и поетската интуиција, јазичната умешност и модерноста на формата. Гинчанка лакомо црпи од лексичките ресурси на стариот полски јазик и е инспирирана од библиските текстови и слики, еротиката, страста, фантазијата, филозофијата итн. Фигурата на кентаурот и неговата двојна природа ја отвора интерпретацијата на поезијата како богатството на чувства и страсти, односно мудрост и сензуалност. Митското суштество не само што ги комбинира литературните и културолошките традициите, туку и ги симболизира сензуалноста, телесноста, енергијата, или пак, виталноста.
Гинчанка го започнува своето поетско творештво со свесен избор на јазик, литературен и културен код, традиција која ù станала блиска, речиси единствена. Многу истражувачи на Гинчанка обрнуваат внимание на нејзиниот став кон литературните трендови од меѓувоениот период. Речиси невозможно е јасно да се класифицираат нејзините песни со нивно сместување во еден или друг творечки стил/став, иако кај нив може да се најдат видливи траги од тогашните актуелни тенденции, а често и алузии на песни од други поети од епохата. Гинчанка не се плашела да се расправа со песните што ги читала, без да подлегне на некаква вештачка литературна конвенција. Таа мошне свесно го избрала најпластичното ткиво од сржта на водечките трендови, односно скамандерот и авангардата, кои потоа ги обликувала со својата младешка и исклучително вешта рака.
Младешките песни на Гинчанка се мошне сензуални, го фалат животот и често прават драстични референци за женската биологија и физиологија, како елемент на бунт против сопственото буржоаското воспитување. Сензуализмот, сепак, е патот на поетесата кон спознанието на реалноста и израз на верувањето дека материјата на поетските зборови може да биде еквивалент на реалноста. Од почетокот на нејзиниот творечки пат, Гинчанка, исто така го опишува светот преку референци за митовите и културните традиции: митологија на Далечниот Исток (раната серија „Кинески бајки за Ла-лита“ – гејша направена од глина и оживеана од вљубен човек), старогерманската митологија (поемата „Зигфрид“), мотиви и нишки од медитеранската култура (на пр. кентаури), како и еврејската култура (поемата „Познание“, чии херои се Адам и Ева; референци за „Песна над песните“). Во подоцнежните дела на Гинчанка, сензуалното доживување на реалноста ќе отстапи место за истражување на светот низ призмата на културата.
После Втората Светска Војна, Гинчанка долги години била заборавена, оспорувана и забранувана од полскиот естаблишмент и повоените писателски организации. Една од најзаслужните за нејзината тековна актуализација во Полска и Европа, е Изолда Кјeц, авторка на биографијата на Гинчанка (Izolda Kiec, Nie upilnije mnie nikt, Marginesy, Warszawa 2020).
Зузана Гинчанка, осудувана од мажите современици, морала да го објаснува речиси секој нејзин збор, а денес, искористувајќи ја слободата што ја освоија следните генерации жени, конечно станува целосно достапна и разбирлива. Уметничката порака на Гинчанка е „херојската радост“ од самото постоење, дури и кога е обележана со егзистенцијална вознемиреност или необичност. Лиричното, авангардното и прилично феминистичкото творештво на Зузана Гинчанка, денес повторно, прочитано по долги години, ја прави хероина не само на полската, туку и на европска литература, бидувајќи инспирација за новата генерација уметнички и писателки.
Нејзината постојана потрага по сопствен поетски јазик, како и нејзиниот бескомпромисен став во презентирањето на искуствата на жените и Евреите, ни дозволуваат да претпоставиме дека во прерано починатата Гинчанка, полската и европската поезија на 20. век изгубила извонреден талент.
Секоја песна од оваа збирка сведочи за генијалноста на Гинчанка, како и потврдува дека се работи за авторка која била пред своето време.
МАМА ја има честа да ја претстави за првпат пред македонската публика.
НЕВЕРСТВО
Не ќе ме доварди никој.
Грев од велур и лилјаци
висна на таваните на стравот со полуглувчешка глава надолу –
Во самрак од кулата ќе се искрадам, од стражарската кула ќе избегам
низ осарник со лути оси,
низ мрежа од отровни билки –
Тешко ќе се издигнат од рушевините заповедите во карпите втиснати
дваесет пеколи на Веда
пламење,
виење
и цвркотење,
фанатичната ноќ ќе се закани, со ѕвезди ќе каменува,
Како жива ќе се шмугнам низ прстиве.
Не ќе ме доварди ништо.
Ти волк ќе се сториш, а јас тресиопашка –
ти орел, јас чудесија змијулеста – –
со непрониклива намера ќе ја насетам секоја твоја потрага.
Светот не ќе ме доварди,
о, љубен – о, драг – о, мил,
ако самата
не посакам
слатка мајска верност.
Oд збирката „За кентаурите“ на Зузана Гинчанка.
Издавач: Ма продукција-подружница Мама, Прилеп.
Препев од полски јазик: Звонко Димоски.
Уредничка и лекторка: Оливера Андоноска.
Дизајн на корица: Христијан Нашуловски





