Шестмина средношколци и тројца ментори го сочинуваат тимот што ја претставува Македонија на 21. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки во Букурешт, Романија. Во тимот се: Мила Порјазоска, од скопската гимназија „Орце Николов“, Никола Стојковски и Михаела Блажевска од „Математичко-информатичка гимназија“ во Скопје, Андреј Тасиќ и Јаков Геговски од „Јахја Кемал“ и Валентино Атанасоски од скопското основно училиште „Кочо Рацин“. Водачи на тимот се: д-р Боце Митрески, редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје (ПМФ) и член на Друштвото на физичарите на Македонија, д-р Методија Најдоски, редовен професор на ПМФ и член на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија и д-р Даниела Јовановска, доцент на ПМФ и член на Македонското биолошко друштво.
Тимот имаше интензивни подготовки од 10 септември до 29 ноември на ПМФ, користејќи опрема и ресурси на факултетот. Во подготовката беа вклучени професорите и асистентите од Институтите за физика, за хемија и за биологија. Оваа олимпијада е поддржана од Министерството за образование и наука и од „ЕАМ Конфекција“ од Штип.





