Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи разговор со Живко Грозданоски, автор на книгата на месецот „Писмо за Глорија“ како дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“. Со Грозданоски ќе разговара книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
„Писмо за Глорија“, издание на „Или-Или“ е слоевито дело, кое меѓу другото говори и за пишувањето како еден вид терапија.
„Овој роман е еклатантен пример за тоа како (авто)фикцијата може да биде книга за себеосознавање, себесоочување и самопомош преку клучот и лавиринтите што тој ни го отвора низ бескрајните предели на убавата литература“, вели Фросина Пармаковска во освртот кон романот.
Според Ацо Гогов, „Грозданоски напишал автофикција, се свртел кон еден ,одметнички жанр’, како што описно го нарекуваат. Жанр кој во себе ги обединува автобиографијата и фикцијата, и кој се открива како изневера на традиционалното автобиографско писмо“.
Живко Грозданоски е роден во 1986 година во Кичево. Дипломирал на Катедрата по италијански јазик и книжевност. Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца“, „Или-или“, 2014) и на италијански („Последното име на иднината“, „Антолог“, 2018). Преведува и препејува од и на италијански јазик. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Здружението на преведувачи на Македонија (ЗПРМ). Периодов е посветен на организација и изведба на работилница по креативно пишување автофикциски расказ „по природниот тек на нештата“. Во рамките на кампањата „Читаме современи македонски автори“ крајот на месецот секогаш се заокружува со Клубот на читатели посветен токму на книгата на месецот.





