Во Библиотеката за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје денеска во 12 часот свечено ќе бидат отворени „Деновите на македонската литература“. Пригодна реч ќе одржи деканот, проф. д-р Владимир Мартиновски и раководителот на катедрата проф. д-р Трајче Стамески, по што следува предавањето на проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска на тема „Српскиот и македонскиот книжевен романтизам“.
Професионалниот пат на Пирузе-Тасевска е дел од историјата на Филолошкиот факултет при УКИМ. Во 1984 година, на Факултетот, таа, со одличен успех ја има одбрането својата магистерска тема „Митови и митолошки елементи за македонските народни приказни“, а во 1991 година и докторската теза „Тематски и идејно-естетски приближувања и спротивности на романтизмот за српската и македонската литература“. Сиот работен век го мина на оваа Катедра, како професор по нова српска литература и по други предмети, а беше и раководител на Катедрата. Учествувала на многу еминентни научни собири, а бројни стручни и научни трудови објавува во земјава и во странство и е автор на значајни монографски публикации.
Со предавањето на Пирузе-Тасевска, Катедрата за македонска книжевност и култура, повторно се навраќа кон валоризација на научните постигнувања на генерациите професори што ја втемелија основата за нејзиниот современ развој.
Во рамките на манифестацијата, во 18 часот ќе се одржи и студентска вечер на македонската книжевност и култура „Непрочитано писмо“ – настан насловен според песна од Анте Поповски, еден од великаните на македонската книжевност чиишто дела се опфатени со програмата на манифестацијата. Студенти од повеќе генерации ќе изведат рецитал, драматизација, музички точки и видео-проекции ќе се претстави дел од развојот на македонската книжевност и култура, со антологиски дела по нивен избор.
Вториот ден од манифестацијата ќе биде посветен на професори што предаваат македонска книжевност на странски универзитети. Предавањата на професорите од странските универзитети ќе се одржат виртуелно, преку платформата Зум.





