Зошто се укинуваат делата на познатите македонски автори од програмите за средно стручно образование?

Пишува: Даница Среткоска, средношколка

Македонскиот јазик е долг и широк процес за кој треба подолго време да се научи и да се сфати. Како мајчин јазик со него се запознаваме од најрана возраст, продолжуваме да ги учиме „поедноставните“, полесните и основните работи во основно образование (од I-V одделение), потоа малку ја разглобуваме таа основа (од VI-IX одделение), а на крај, во средно образование ја продлабочуваме сета таа основа од претходните години поминати во изучување на јазикот. Додека оние кои се одлучуваат својот академски живот да го градат врз основа на македонскиот јазик и книжевност, подробно навлегуваат во суштината на јазикот и не се задржуваат на основните работи од претходно.

Македонскиот јазик во училиштата (од VI одделение до IV година средно образование), се изучува како предмет што го носи насловот Македонски јазик и литература, што означува дека покрај тоа што се изучува сè што е поврзано со јазикот (појава, потекло, граматика, лингвистика, морфологија и сл.), се обработуваат правците на литературата, односно дела од светската литература, но и од домашната. Иако јазикот се карактеризира со подоцнежна литературна стандардизација во рамките на државните институции, сепак и македонскиот јазик си има свои литературни дела што се од големо значење. Македонската литература добива нов облик дури по Втората светска војна и врз неа се работи мошне интензивно за да се надополни пропуштеното (се развиваат правците: романтизам, реализам, модерната литература).

Македонската литература (по Втората светска војна) има три фази кои ги претставуваат повеќе писатели и поети меѓу кои: Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Стале Попов, Ѓорѓи Абаџиев, Горан Стефановски…
Но, прашањето е зошто почнаа да се укинуваат делата на познатите македонски автори од програмите за средно стручно образование, поточно во средното медицинско?
Меѓу укинатите автори се: Ташко Георгиевски („Црно семе“), Коле Чашуле („Црнила“), Томе Арсовски („Парадоксот на Диоген“), Радован Павловски и Гого Ивановски (избор песни), а исто така укинати се делата „Силјан Штркот“ и „Улица“ од Славко Јаневски (заменето е со „Тврдоглави“, дело на истоимениот автор).

Посебно е жално да се укинат делата кои имаат историско значење. Делото кое сведочи за страдањата, прогонот, насилството на Македонците во егејскиот дел (се однесува на „Црно семе“), и она дело кое ги раскажува македонските црнила („Црнила“). Но, и да немаа историско значење, овие дела имаат голема литературна маса, бидејќи навистина се напишани на стил кој им доликува на великани и навистина тежат.
Ташко Георгиевски е еден од основоположниците на современиот македонски расказ и успева да биде во чекор со светското современие на XX век.

А дури Коле Чашуле е првиот кој собрал храброст да напише драма посветена на атентатот врз Ѓорче Петров (прва драма од ваков карактер). Гого Ивановски, припаѓа на првата генерација македонски современи поети и твори во време кога Републиката се градела со перо и хартија наместо со копач и мотика.
Што се однесува на Радован Павловски, тој ù припаѓа на третата генерација поети, а дел од неговите поезии се посветени на љубовта кон неговиот роден крај.

Штета е да се укинат вакви автори кои се синоним за македонската современа литература, бидејќи многу нивни дела се преведувани на повеќе јазици, а местото им е меѓу училишните клупи, во рацете на учениците.

„Сполај им на прогонителите – ме прогонија во слободна Македонија, во мајчиниот јазик“- Гане Тодоровски

Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.

 

Сподели