Дебитантскиот „Преекспонирано“ на Венинова во официјалната конкуренција на Фестивалот во Каиро

Светската премиера на дебитантскиот филм на Елеонора Венинова „Преекспонирано“ ќе биде во ноември, во официјалната конкуренција на 44. Интернационалeн филмски фестивал во Каиро. „Преекспонирано“ кој се одржува од 13 до 22 ноември. „Преекспонирано“ е меѓу 14-те филма од цел свет што ќе се натпреваруваат во официјална конкуренција, соопшти денес Фестивалот. Англискиот наслов на филмот е Things unsaid.

Режисерката Венинова истакна дека филмот го работела десет години, откако датира првата верзија на сценариото. Таа потенцираше дека станува збор за драма, делумно инспирирана од вистински настани.

– Фестивалот во Каиро е еден од 15-те акредитирани А-фестивали во светот и за мене е голема чест и привилегија. Бевме први кои снимаа во време на пандемијата, во услови на карантин, но задоволни сме и со нетрпение очекувам да и го претставиме и на публиката. Не беше едноставно, цело време под маски, јас не можев ниту лицата да им ги видам на актерите, се дури не требаше да сме на сет. Приказната, како и останатите мои филмови има личен момент и говори за брачна двојка која престојува во викенд куќа во Охрид и нивниот мир и брачна идила е нарушена од тинејџерка, која е ќерка на нивни блиски пријатели. Тие двајца ќе се доведат во ситуација да го преиспитаат својот брачен живот – објасни Венинова на денешната прес-конференција.

Улогите ги толкуваат: Камка Тоциновски, Благој Веселинов и Сара Климоска. Кинематографер е Лев Предан Коварски од Словенија, музиката е на Линдзи Рајт, сценографија Срѓан Митровиќ, монтажата Гоце Кралевски, кој е и продуцент на филмот (ДНФ Филмс), а копродуцент е Мирјана Томиќ од „Лилит“ од Србија.. Костимите се дело на Жаклина Крстевска, монтажер за звук е Дарко Спасовски.

За актерката Сара Климоска ова е прва соработка со Венинова и вели дека процесот одел без проблеми.

-Првите две недели снимавме со маски, две недели бевме во комплетна изолација, ги почитувавме сите протоколи и се помина во најдобар ред. Со Камка снимам веќе неколку пати и секогаш знам дека со неа сум во сигурни раце. А со Благој имам чувство како веќе да сум работела, а сепак ни е прв филм заедно, рече Климоска.

За Благој Веселинов особен впечаток оставила работата во време на пандемијата и смета дека филмот има нешто поразлично што досега не го видел во друг македонски филм, има внатрешна емотивна борба со која се соочуваат актерите.

-Овој филм ми е многу драг бидејќи дотогаш никој не снимаше, беше пандемија и сите се прашувавме што ќе се случува понатаму, како ќе работиме. Елеонора и Крале ги зедоа работите во свои раце и среќен сум што успеав да го одвојам Благој Веселинов од ликот кој што го играм во филмот. Тоа за мене е голема среќа, а понатаму публиката ќе го каже своето мислење, рече Веселинов.

Филмот е снимен со поддршка од Агенцијата за филм, Српскиот филмски центар и „Еуримаж“.

-Треба да се гордееме со нашите филмови, нашата култура, со македонскиот јазик затоа што ако погледнеме наназад во изминативе месеци каде се беше присутен македонскиот филм и македонскиот јазик, ќе забележиме дека беше во Северна Америка, Европа, за две недели одиме во Токио. За мене прекрасно е чувството бидејќи македонскиот филм стана најголем амбасадор на македонската култура – рече Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата и додаде дека ќе се залага поддршката за филм да се зголемува.

Продуцентот Гоце Кралевски информираше дека покрај светската премиера на филмот, очекуваат набргу и европска премиера, исто така на голем меѓународен фестивал од А категорија, а на пролет филмот ќе може да го погледне и македонската публика.

-Да не беше оваа добра екипа немаше да направиме вака добар филм, бидејќи сметам дека филмот е онолку добар колку што е добра екипата која стои зад него, рече Кралевски.

Сподели