Зошто Црногорците да не учат македонски и обратно, токму преку културна и театарска соработка?

Покрај Дејан Пројковски, тука се Валентин Светозарев, Мето Јовановски и многу други кои со децении наназад учествувале во создавањето на театарскиот живот, така што не гледам причина зошто да не продолжиме со соработката, напротив – вели Душан Ковачевиќ, уметнички директор на Градско позориште од Подгорица

Културолошката размена и соработка меѓу Црна Гора и Македонија е многу важна, зашто, без обѕир на различните јазици, уметноста не познава граници и особено јазичната бариера не би требало да претставува отежнувачка околност, но напротив. Зошто Црногорците да не учат македонски или обратно, токму преку културна и театарска соработка – прашува Душан Ковачевиќ, уметнички директор на Градско позориште во Подгорица, театарот кој завчеравечер гостуваше на „Битола Шекспир фестивал“. Пред полната сала на Центарот за култура во Битола, црногорскиот ансамбл ја изведе претставата „Кротење на фуријата“, во режија на нашиот Дејан Пројковски. За соработката со Пројковски, за можните предизвици да се соработува помеѓу уметниците од двете земји, разговараме со Ковачевиќ.

Каква беше соработката со режисерот Пројковски?

– Дејан и јас се запознавме пред неколку години на еден фестивал, после кој започнавме соработка каде што јас играв во две негови претстави „Буре барут“ и „Бура“ на Црногорско народно позориште. Откако дојдов на позицијата уметнички директор на Градско позориште во Подгорица, започнавме разговор за потенцијен проект и на задоволство на сите, се укажа прилика тој да ја режира „Кротење на фуријата“, со млад и талентиран ансамбл. Тоа што е најважно е дека од таа соработка се роди пријатлество кое нема цена и тоа што го прави Дејан голем е што ги сака, како луѓето, така и театарот и секоја работа со него придонесува за единството на ансамблот со кој работи. Сметам дека неговата мисија не е само да режира добри претстави, но и да создава добри луѓе, што е многу поважно.

Ви значи ли што гостувате токму во Македонија, па и во градот од каде што е Пројковски?

– Секогаш кога доаѓам во Македонија чувствувам една прекрасна емпатија и емоција што ме пречекува и без разлика дали јас настапувам, публиката секогаш ги прифаќа црногорските претстави на извонреден начин, а домаќините секогаш биле на ниво на задачата. Во Битола сме на покана на Илина и на Иван, се потрудивме овојпат да дојдеме со една голема претстава, а особена чест и задоволство ни е што тоа беше претстава на Дејан Пројковски, кој е роден во Битола. Публиката беше одлична.

Колку е важно да сме отворени за соработки, да создаваме копродукции и креативни размени?

– Културолошката размена и соработка меѓу Црна Гора и Македонија е многу важна, зашто, без обѕир на различните јазици, уметноста не познава граници и особено јазичната бариера не би требало да претставува отежнувачка околност, напротив. Зошто Црногорците да не учат македонски или обратно, токму преку културна и театарска соработка? Создадовме и Регионална унија на театри РУТА Група Триглав во која се шест земји, меѓу останатите, и Драмски театар од Скопје, како и по еден театар од поранешните југословенски републики. Активно работиме на соработка и со Македонија, за што докажува потпишувањето на меморандумот помеѓу министерствата за култра помеѓу двете држави и се надеваме дека ќе ја интензивираме таа соработка на културен, театарски, ТВ и филмски, како и на секој друг план.

Дали имате планови за наредни соработки со македонски театарски уметници и театри?

– Македониските уметници се доста застапени во Црна Гора. Покрај Дејан Пројковски, тука се Валентин Светозарев, Мето Јовановски и многу други кои со децении наназад учествувале во создавањето на театарскиот живот, така што не гледам причина зошто да не продолжиме со соработката, напротив. Постојат и можности за копродукција што, сигурен сум, ќе ја направиме наредните години, а колку што знам, и наши режисери режираат во Македонија, по што се гледа дека е евидентно дека постои свест и кај нашите и кај вашите уметници и дека таа културна размена е нужна и дека треба да се продолжи на сите нивоа.

Му се врати ли публиката на театарот во Ц.Гора, посебно после ковид-пандемијата?

– На наша радост, но и радост на публиката, сите се вративме во театрите и тоа го видовме на претставувањето во Сараево, каде темпаратурите беа превисоки, а Народно позориште беше полно. Во Битола исто така имаше огромен интерес за нашата претстава, а веднаш после Битола настапуваме на Шекспир фестивал во Чортановци, кој повторно собира еминентни претстави од регионот. Преку оваа захтвена турнеја видовме дека публиката е желна за добри театарски претстави и дека без обѕир на пандемијага, постои насушна човекова потреба да го користи театарот како духовна храна која ништо не може да ја убие. Благодарам уште еднаш на можноста да се претставиме пред македонската публика, а се надевам дека нашата следна средба ќе биде преку копродукција.

Насловна фотографија: Душко Милјаниќ

Сподели