Лабина Митевска е добитничка на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, 44. издание на „Браќа Манаки“ ќе биде орворено со „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски
Оскаровецот Питер Бижу, кинематографер на „Мисисипи гори“, „Шоуто на Труман“, „Во името на таткото“, „Штета“, „Пинк Флојд: Sидот“, „Животот на Брајан“, „Временски бандит“, „9 ½ недели“, „Ричард Трети“ е лауреат на наградата Златна камера 300 за животен опус на 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Лабина Митевска е добитничка на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Фестивалот ќе се одржи од 23 до 29 септември во Битола, а ќе биде отворен со македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски.

Симеон Мони Дамевски (лево) и Игор Иванов-Изи
– Питер Бижу има работено со бројн режсиери како Алан Паркер, со кого се закитија со Оскар во 1988 година за драмата „Мисисипи гори“ со актерскиот тандем Џин Хекман и Вилем Дефо. Заедно со Паркер работеа и на антологиското дело од 1982 година „Пинк Флојд: Sидот“. Со Џим Шеридан, Питер Вир и Луј Мал ги снимија антологиските филмови „Во името на таткото“ со Дениел Деј Луис, „Шоуто на Труман“ со Џим Кери и „Штета“ со Џереми Ајронс и Жилиет Бинош. Во плодната кариера на Бижу специфична е соработката и со прославената актерско-сценаристичко-режисерка група Монти Пајтон со чиј култен режисер Тери Гилијам во 1979. Бижу го сними „Животот на Брајан“ – објасни директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски на денешната прес-конференција.

Питер Бижу
Игор Иванов-Изи, претседателот на Друштвото на филмски работници, го претстави лауреатот на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
– Наградата на познатата македонската актерка и продуцент Лабина Митевска свечено ќе ѝ биде врачена на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Оваа награда востановена во 2013 година е замислена како признание за посебен придонес кон македонскиот филм и од самиот старт критериумот е подигнат толку високо, што навистина не е лесно да се најде вистински кандидат и достоен лауреат. Годинава се одлучивме за ѕвезда која долги години блеска на големото платно со голем број главни и споредни филмски улоги и е еден од најуспешните продуценти во историјата на македонскиот независен филм. Станува збор за исклучителна актерка со која и сум имал можност да соработувам. Едно од најсензибилните и најфотогенични лица во современата македонска кинематографија и сосема заслужено ќе го носи и епитетот „Голема ѕвезда на македонскиот филм“- рече Иванов.

Лабина Митевска
Лабина Митевска е родена е на 11 октомври 1975 година. Основно и средно училиште завршува во Скопје, а образованието го продолжува на факултетот за Уметност и археологија при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Добива стипендија за европскиот колеџ за филмови во Данска, каде се дообразова, а Историја на уметност студира на универзитетот во Тусон, Аризона, САД. Својата актерска кариера, Митевска jа започнува во 1994 година со една од главните улоги во филмот „Пред дождот“ во режија на Милчо Манчевски, филм кој го добива „Златниот лав“ во Венеција, а потоа следат бројни улоги во познати филмови: „Туку така под облака“, „Добредојдовте во Сараево“, „Те сакам тебе“, „Премногу лош така што Балканскиот експрес беше претходно употребен“, „Како убив светец“, „Бубачки“, „Тајната книга“, „Јас сум од Титов Велес“, „Превртено“, „Кога денот немаше име“, „Господ пости, името и е Петрунија“, „Најсреќниот човек на светот“…
Покрај актерството, Митевска е автор и на бројни есеи објавени во весници и списанија, зборува чешки, германски и англиски јазик. Во два наврата соработувала со режисерот Мајкл Винтерботом, во 2001 година била член на жирито на Фестивалот во Карлови Вари и во неколку наврати беше директор на ИФФК „Браќа Манаки“. Со нејзината сестра Теона С. Митевска и братот, Вук Митевски ја оформуваат продукцијата „Сестри и брат Митевски“ со која снимаат бројни краткометражни и долгометражни играни филмови кои се прикажуваат на фестивалите во Берлин и Венеција. Со филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ го свртеа вниманието на европската и на светската филмска јавност, и беа меѓу трите финалисти за престижната европска награда „Лукс“. Лабина и Теона, по поддршката која ја добија од Еуримаж, Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево го завршија последниот проект, филмот „Најсреќниот човек на светот“ по сценарио на Елма Татарагиќ, кој беше избран за македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм.

Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, глумица (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020), Северџан Бајрам, актер (2021) и Горјан Тозија, филмски продуцент (2022).
„Домаќинство за почетници“, по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција ќе има светска премиера на филмскиот фестивал во Венеција. Директор на фотографија e Наум Доксевски, добитник на наградата „Мала камера 300“ за краткиот филм „Види ја ти неа“ во режија на Столевски. Ова е втор долгометражен филм на Доксевски, по неговото деби со наградуваниот филм „Сестри“ во режија на Дина Дума.

Сцена од „Домаќинство за почетници“
„Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.
Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена“ на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Северна Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Северна Македонија и Розафа Челај од Косово.
Продуцент на филмот е Марија Димитрова, а остатокот од авторската екипа ја сочинуваат: Ана Жежничек – сценограф, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор, Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа – маскери, Ален Синкауз и Ненад Синкауз – композитори, Зоран Максимовиќ – снимател на звук и Ема Бортињон – дизајнер на звук.





