Специјално признание за „Една љубов“ на Варја Јаковлева на Фестивалот на европски анимиран филм „Флипбук“

Рускиот филм „Една љубов“ на Варја Јаковлева го доби специјалното признание на жирито на 4. Фестивал на европски анимиран филм „Флипбук“, што се одржа од 10 до 14 август во Кинотеката во Скопје.

– Со силен и интензивен графички и анимациски дизајн, проследен со груб звук и деликатната поетска нарација, овој филм зборува за навлегување во домот и приватноста низ женска интимна перспектива – вели жирито.

Ви ги претставуваме наградите во сите категории на фестивалот:

Специјално признание 2

За создавањето прекрасни и незаборавни ликови, за емотивното вклучување на публиката и оригиналниот третман на семејните односи, специјалната награда оди кај „Трговци со мраз“ на португалскиот режисер Жоао Гонзалеш.

Специјално признание 3

Надреалните сцени на поетски и звучни повторувања во овој филм создаваат моќна атмосфера, носејќи нѐ на неочекувани места каде што секојдневниот живот и концептот на времето се деконструираат низ слоеви на соништа кои се испреплетуваат со реалноста. Специјалната награда оди кај хрватскиот филм „Се сеќаваш ли како јавав бел коњ“ на Ивана Бошњак Волда и Томас Џонсон Волда.

Главна награда

Заради неконвенционалниот пристап кон темата за врската љубов и омраза меѓу партнерите и стравот од емоционална посветеност кој е многу релевантен во денешното општество, главната награда оди кај „Амок“ на унгарскиот режисер Балаш Турај.

 Анимирани музички видеа:

Специјално признание

За совршената кохерентност помеѓу анимацијата, музиката, режијата со интензивен вкус на хумор и смеа, специјалната награда му се доделува на полскиот филм „Пилешко со ориз“ на Камил Војчик.

Главна награда

За поетската метафора за развојот и меѓусебната поврзаност на човештвото и вештачката интелигенција, главната награда за најдобро анимирано музичко видео оди кај „Поглед“ на македонскиот режисер Никола Радуловиќ.

Анимиран документарен филм:

За моќното сопоставување на реални снимки и анимиран уметнички стил, преминувајќи од една крајност на реалноста во еден сонлив свет на забавата, специјалната награда се доделува нагерманскиот филм „Пејачи на зајдисонце“ на Џесика Пун.

За радикалната критика на патријахалната неправда, бескомпримисното прикажување на сексуалната злоупотреба во комбинација со длабоко хуманистичкиот пристап во прикажувањето на ликовите и, пред сѐ, за сугестивно пренесената универзална порака, наградата за најдобар анимиран документарен филм оди кај словенечкиот филм „Сексуалниот живот на баба ми“ на Уршка Ѓукиќ и Емили Пижар.

Студентска конкуренција:

За маестрално прикажување на интимните односи зад сцената, паралелно пресликувајќи ги сложеноста на човечките емоции на сцената преку посебен визуелен пристап, специјално признание му се доделува на ирскиот филм „Падот на кралот Ибис“ на Микаи Џеронимо и Џош Окаоим.

За волшебниот визуелен стил, поезијата, гласовната интерпретација музичката партитура, специјална награда се доделува на германскиот филм „Шептач во ветрот“ на Фернанда Каиседо.

За храбрата и провокативна порака, успешниот спој на видео арт и анимација и користењето симболичен јазик за нурнување во внатрешниот свет на авторот, специјално признание му се доделува на филмот „Нонсенс“ на македонската авторка Ангела Грозданов.

За свежиот и иновативен третман на актуелните современи теми за гледаноста и конкуренцијата и за совршено избалансирана комбинација на бесмисленост, социјална сатира и мета-кинематска рефлексија, наградата за најдобар студентски филм оди кај германскиот филм „Борба за рекорд“ на Гвенола Хек, Грегор Витич и Илја Лоренц Берет.

Наградата од „Еко-свест“ за најдобар филм со еколошка тематика ја доби „Песната на китот“ на француската режисерка Аделин Феј.

Сподели