Златко Теодосиевски: Културата не успеа да се избори да биде независна од политиката

Основните критериуми за избор на директори, не само за такви институции како НГМ, треба да бидат исти како и оние во светот: стручност, компетентност, професионално искуство и постигнати резултати! Но, македонските политиканти и директорските места ги претворија во политичко-партиски пазар, а резултатите ги гледаме секојдневно

Ако министерските и заменичките позиции се политички позиции и таму може да бидат кооптирани партиски кадри независно од стручноста и компетентноста, директорските места во културните институции тоа не смеат да бидат. Како впрочем ни во здравствените, образовните и другите државни институции со „потесна“, специјализирана стручност. Но, културата не успеа да се избори за таков третман. Ја потенцирам културата бидејќи, барем досега, не сме виделе сликар, или музичар, да биде директор на Кардиологија, на пример, или фудбалер да стане директор на завод за ревизија, вели Златко Теодосиевски, историчар на уметност и критичар. Тој долги години работеше во Националната галерија на Македонија и во еден период беше нејзин директор. Во интервјуто за Умно.мк тој зборува за значењето на Националната галерија и ги објаснува своите гледишта на состојбите во кои е институцијата денес.

Уметничката галерија „Скопје“ е основана во 1948 и е најстара ликовна институција од овој тип во Македонија. Прв в.д. директор бил Борко Лазески, а по него – доајенот Никола Мартиноски. Кои се основните постулати врз кои лежи основањето на оваа институција?

– Основниот постулат веќе го спомнувате во прашањето и тој произлегува од самото време на основање на Уметничката галерија и историските состојби во Македонија по 1945 година. Поточно, тие состојби биле диктирани од фактот што дотогаш Македонија немала институција од таков тип! Ако пак малку поодблизу ги погледнете датумите на основањето на другите културни институции во тоа време, ќе видите дека, на пример, Македонскиот народен театар бил основан веќе во 1945 година, Народната библиотека во 1944 година (со одлука на АСНОМ), во 1945 година тогашното Министерство за народна просвета носи одлука за формирање на Архив на Нароослободителното движење на Македонија во состав на Народната библиотека (иницијатива што ќе се реализира неколку години подоцна), во 1948 година е основан Институтот за национална историја … итн., итн. Сето ова ќе рече дека во тие години морала да дојде на ред и уметноста, па Уметничката галерија е токму таа институција што треба(ла) да се грижи за развојот на македонската ликовна уметност. Но, она што е еднакво важно е фактот што институција без опиплив „материјал“ за работа е – промашена институција. А за тоа биле свесни поединци веднаш по основањето, па петчлена комисија составена од (тогаш) врвни македонски уметници, со „куфер пари“ (како што се прераскажува), била испратена во југословенските ликовни центри да купува дела што ќе бидат основа на првата колекција, а подоцна и на првата поставка на новооснованата Уметничка галерија. Тоа што тие тогаш го купиле е збирка со непроценливо значење којашто малкумина денес ја виделе и којашто – ќе се осмелам да кажам – пропаѓа во таканаречените депоа на институцијата. И таа не така долга историја ни кажува нешто многу важно: дека власта во тоа ново време била многу порешителна, духовно побогата и со многукратно поразвиена свест за културните и уметничките потреби на средината! За жал, праксата за откуп на дела не само во оваа институција одамна е прекината. Па и тоа е еден репер за тогашното и сегашното разбирање на потребите на овој тип институции.

Како еден од најреномраните историчари на уметност во земјава се пензиониравте во оваа институција и во извесен период бевте и директор на Галеријата, чинам во периодот кога беше трансформирана во Национална галерија на Македонија. Каква суштинска промена се случи со трансформацијата?

– Да, јас бев иницијатор за трансформацијата на Уметничката галерија во Национална галерија на Македонија и бев нејзин прв директор. За среќа, наидов на разбирање кај тогашните одговорни луѓе, во прв ред кај министерот за култура Благоја Стефановски. Суштината на таа трансформација некои неупатени, па и дел од вработените, ја видоа само во промената на името. Но, прво, некогашната Уметничка галерија, од времето на првата постојана поставка оформена во 1951 година, многу бргу се претвори во анахрон тип на провинциска галерија во којашто некритички се реализираа секакви изложби, главно во времетраење од петнаесетина дена и најчесто нестручно и непрофесионално подготвени и пласирани во јавноста, со крајно информативни и често памфлетски „каталози“ целосно несоодветни на времето и развојот на уметноста во тогашна Југославија и светот. Од друга страна, и новооснованиот Музеј на современата уметност бргу заборави на најважниот музеолошки стандард – постојана поставка! – така што луѓето во Македонија, а особено посетителите однадвор, немаа каде да го видат развојот на македонската уметност низ стручна и професионално подготвена постојана поставка. Тоа беше базичната идеја за трансформацијата на оваа институција, што требаше да ја пополни таа празнина и највеќе да се посвети на македонската ликовна уметност бидејќи МСУ веќе беше повеќе ориентиран кон европската и светската уметничка сцена. Се разбира, оваа цел мораше да биде проследена и со кадровски промени, соодветно буџетирање, опремување со современи депоа и конзерваторска лабораторија итн. За жал, многу малку од тоа беше реализирано освен, можеби, квалитетот на изложбите, каталозите и др. И да, се оформи и „Мала станица“ како современ мултимедијален центар, но којшто многу бргу, заради нестручност и непознавање на карактерот на такви институции – особено од раководниот „кадар“ – западна во вообичаеното сивило, како впрочем и целата институција. А впрочем, токму некаде од 2005/6 започнува и катастрофалниот пад на критериумите за тој раководен кадар, па до денес се редеа тотално некомпетентни луѓе кои оставаа исклучиво негативни траги во институцијата.

Кои се основните задачи и цели на оваа комплексна институција која опфаќа галериска, музејска дејност, но и заштита на културното наследство? Згора на тоа е надлежна за четири објекти од кои два се споменици на културата?

– Па токму она што го објаснив во претходното прашање: во Даут-пашин амам беше реализирана постојана поставка на македонската ликовна уметност од времето на зографите до крајот на дваесеттиот век, придружена, односно дополнета со парк на скулптури, Чифте амам беше трансформиран во извонреден изложбен простор за повремени (проблемски и ретроспективни) изложби, а „Мала станица“ требаше да ги промовира новите мултимедијални тенденции во уметноста, со киносала, видеопроекции, инсталации итн. И повторно, за жал, немаше соодветни капацитети, ниту пак стручни познавања, да го разберат и продолжат тој концепт. Не само што „Мала станица“ континуирано пропаѓаше, туку и Даут-пашин амам целосно ја загуби основната идеја. И никако луѓето да разберат дека во светот нема музејска институција која постојаната поставка ја симнува секој месец дена за да реализира некакви изложбички по мерак на директорите и кустосите и желба на уметниците, иако за тоа им беа обезбедени два дополнителни изложбени простори: Чифте амам и „Мала станица“. Ама, велат, уметниците сакале баш во Даут-пашин амам! И овие им удоволуваа(т) симнувајќи ја постојаната поставка. Тоа говори дека таму, повторно за жал, нема доволно стручен капацитет да реализира/менаџира музејска институција од тој тип. Но, тука веднаш доаѓаме и до проблемот со директорскиот кадар кој, тотално нестручен и музејски необразован, инсистира на некакви глупави изложби, на свои видувања (без покритие) за уметноста – денес и на некакви Гинис „стандарди“! – подлегнува на притисоците на политикантите кои ги поставиле на тоа место итн. Сето тоа е на штета на институцијата и македонската култура, но изгледа тие нешта никого не го интересираат.

Во однос на состојбите пред две децении и повеќе, како би ја опишале состојбата во оваа установа денес?

– Па, голем дел од нештата спомнати во претходниот одговор стојат и денес, можеби дури и потенцирани и мултиплицирани. Зашто, видете, ние не научивме дека секоја професија има свој „свет“ и стандарди. Еден сликар, или сликарка, и тоа лоша, не може да се снајде во „туѓ свет“ каков што е музејскиот. Тоа за нив е неразбирлив лавиринт. Како што впрочем ни историчар на уметност, со четка во раката, не би можел да се снајде пред „мистериите“ на сликарското платно. Но, ние го правиме токму тоа: задоволувајќи нечии лични амбиции и партиски програми, ги упропастуваме националните институции. Односно, сето она што го говорев претходно, денес е мултиплицирано во негативна смисла. Институцијата и понатаму нема современи депоа, нема конзерваторска лабораторија (а со децении имаше „конзерватор“ кој примаше плата!), т.н. југословенска колекција – највредното што го има таа институција – не може да се види никаде … итн., итн.! Што сакате повеќе? Целосно упропастена институција, до тој степен што некогаш ми е жал што воопшто сум предложил нејзина трансформација, сметајќи дека и државата „ќе расте“, ќе се појавуваат нови компетентни поединци, ќе се поврзуваме со светот и во музејската дејност … За жал, ништо од тоа! Можеби ќе беше подобро да си останеше провинциска галериичка во прекрасен објект, да си живуркаа среќни и весели и кустосите и уметниците … Или, ако сакате, и секако со должна почит кон творештвото на една Жанета Вангели, но и во таа ретроспективна „истурена интима“ се чувствува препотентност, но и отсуство на кураторски став и водство!

На последниот конкурс за директор на Националната галерија аплицирале четворица кандидати – три вработени во НГМ и еден надворешен кандидат, кој е избран за директор со четиригодишен мандат. Кои треба да бидат основни критериуми за избор на директор на институција комплексна како НГМ?

– Основните критериуми не само за такви институции како НГМ треба да бидат исти како и оние во светот: стручност, компетентност, професионално искуство и постигнати резултати! Но, македонските политиканти и директорските места ги претворија во политичко-партиски пазар, а резултатите ги гледаме секојдневно. Ако министерските и заменичките позиции се политички позиции и таму може да бидат кооптирани партиски кадри независно од стручноста и компетентноста, директорските места во културните институции тоа не смеат да бидат. Како впрочем ни во здравствените, образовните и другите државни институции со „потесна“, специјализирана стручност. Но, културата не успеа да се избори за таков третман. Ја потенцирам културата бидејќи, барем досега, не сме виделе сликар, или музичар, да биде директор на Кардиологија, на пример, или фудбалер да стане директор на завод за ревизија! Дури ни високото образование не успеа целосно да се измолкне од стегите на политиката: погледнете кој сè предава на уметничките факултети, особено на ФЛУ. Па тоа најчесто е полуписмен свет, со почит кон исклучоците! Не велам дека и културата, во еден голем дел, не е политиката, напротив, но за да биде сериозна политика, а не политикантство (и) во неа мораат да менаџираат компетентни и професионални кадри, а не „татини и мамини“ галеничиња кои во една фаза од животот посакале да бидат и директори. Па утре ќе посакаат да бидат и амбасадори, па вицепремиери …

Во општество како нашето кој ќе биде директор на институција стана поважно од состојбата на уметничките дела во националната колекција, откупот на нови дела, проблемот со недостиг од конзерватори, решавање на проблемот со несоодветни депоа кој со децении се протега. Како ги коментирате овие стативи кои станаа правило, наместо исклучок?

– Па токму тоа е проблемот: таквите „директори“ газат преку сè и единствено си ја допишуваат својата биографија, а институциите пропаѓаат. Барем да ги искористат политикантските врски и да направат нешто добро за институцијата. Знаете колку години се „правеше“ куќата на Личеноски? Минимум дваесет, и пак не е како што треба. А ја „правеа“ директор(к)и кои мислеа дека Националната галерија е моден магазин! За некои важни нешта не се потребни дури ни големи средства. Повторно ќе ја спомнам т.н. југословенска колекција – највредното нешто што го има НГМ. Толкав проблем ли е таа, наместо да чмае и пропаѓа, да се изложи во Чифте амам – каде што еднаш и беше промовирана! – или некои шушумиги во неа гледаат политички проблем? Можеби „српски свет“?!?

Тивко шепотиме дека назначувањето на директори во институциите, меѓу нив и тие од културата, е политички договор од донесувањето на Рамковниот договор (повеќе од 20 години), но сите засегнати јавно негираат дека директорите се назначуваат по партиска линија и договор помеѓу коалициските партнери на власт. Што велите Вие? И како треба да биде во едно здраво општество?

– Тивкото шепотење нè донесе до ова дереџе да носат директор на Националната галерија од Швајцарија, и повторно – сликар. Јас можам да го разберам и Рамковниот договор и политичките кујни што произлегоа, и произлегуваат, од него, но не можам да го разберам свесното нанесување непоправлива штета на најстарите македонски културни институции. И зарем малку такви катастрофални примери имавме досега, повторно со „директорката“ на НГМ, или со Националната и универзитетската библиотека итн.? Ако оваа власт смогна сили да го укине ужасно штетниот „балансер“, зошто тивко се продолжува истата пракса? Но, од друга страна, можам да разберам и политички барања од еден етникум за одредено место во културата, но за конкретна личност со сите неопходни квалификации. А токму за местото за коешто говориме има стручни и компетентни поединци од друга етничка заедница, со докторат од историја на уметноста, но не се партиски луѓе! Не сакам, непријатно ми е да спомнувам имиња, но токму конкретниот етникум – ако веќе треба така да се делиме! – има компетентни поединци за тоа место, но ние удоволуваме на нечии инсистирања со несоодветен „кадар“ од Швајцарија! Кого, патем, никој во Македонија не го познава, уште помалку знае нешто за неговата „уметност“. Многумина умеат да кажат дека тоа се „детски болести“ на демократијата, но, извинете – тоа нема никаква врска со демократија! Напротив.

Заради тоа, спроведениот конкурс за избор на директор на НГМ е налик на сите досегашни во последниве петнаесетина години во културата. Меѓутоа, овде посебна приказна се „образложенијата“ на кандидатите. Хумористична приказна, за жал, но вистинита. На пример, не знам како, и зошто, Нови Пазар и Сент Гален ни стануваат репери за некакво искуство и квалитет во (историјата на) уметноста. Или како тоа новиот „стручњак“ кој сака да биде директор воведува стандард што се вика – Гинисов рекорд! Но, за жал, наивниот настап на трите колешки кандидатки со иста програма и со „образложение“ дека таа била „авторска и стратешки насочена“ е крајно неумесно, да не речам еднакво дилетантско како и Нови Пазар, Сент Гален и Гинис. Местото директор на Национална галерија не е колективно соцреалистичко тело, туку подразбира индивидуални знаења, визија, програма… и одговорност. Во таквиот „групен настап“ нема ама баш ништо „професионално“, уште помалку е тоа некаков „отпор кон политизацијата на културата“. Но, од друга страна, токму зборовите на министерот „дека секоја политичка партија преферира и сугерира одреден кадар“ се вистинското решение за кое се залагав и јас долго време, па и кога го подготовувавме новиот Закон за јавниот интерес во културата (којшто некој веднаш го стави во фиока), а тоа е: директорите на националните институции треба да бидат директно именувани од министерот за култура! Какви конкурси, какви „бакрачи“ – никако да се откачиме од социјализмот (и) во културата. Но тогаш, директно одговорна за состојбите ќе биде Владата односно Министерството, без можности за затскривање зад глупави конкурси. Се разбира, сето ова бара поширока елаборација за којашто, се плашам, овде нема место. Но можеби во некоја друга прилика!

Насловна фотографија: Маја Јаневска-Илиевска / презмено од ppj.mk

(ПРОДОЛЖУВА)

Сподели