ЗЏМ биг бенд не доби пари за ниеден концерт, иако Министерството вели дека заслужува статус институција

Здружението на џез музичари и слободни уметници добија поддршка за да го организираат фестивалот „Денес се’ е џез“ и котизација за EJN European Jazz Network, но не и за учество на истата. Со својот биг бенд аплицираа со четири концерти, а не добија поддршка за ниеден

Ако го анализираме квалитетот на музичарите кои свират во биг бендот, потоа тежината на делата кои ги изведуваме, настапите со гости и гостувањата надвор, секој еден би сфатил дека ние де факто сме веќе институција според начинот на функционирање. Позитивните критики укажуваат на нашиот постепен растеж во биг бенд со компактен звук, креативни инструменталисти, но и композитори и аранжери, сите од ова земја, вели Гоце Стевковски, претседател на Здружението на џез музичарите.

Во декември минатата година Министерството обзнани дека формира три нови национални установи од областа на културата. Тоа се Меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес – Смилево, Музички театар во Република Северна Македонија – Тетово и Камерниот оркестар на Битола. Меѓу нив, познавачите на работата на ЗЏМ очекуваа да го видат единствениот биг бенд оркестар во ова друштво. Но, желбата на 30-ина џез музичари засега останува само тоа.

За оваа година, Здружението доби поддршка за да го организира фестивалот „Денес се’ е џез“ и котизација за EJN European Jazz Network, но не и за учество на истата. Министерството не поддржа ниеден концерт на биг бенгдот, а аплицираа со четири –  ЗЏМ свири македонски автори, ЗЏМ со Пјер Милет (трубач од Франција и еден од најинтересните солисти и композитори моментално во Европа), ЗЏМ и Македонски гитарски херои (солисти Тони Китановски, Филип Динев, Герги Шаревски и др) и ЗЏМ свири Чарлс Мингус заедно со Зиги Фајгл. Здружението најавува приговори за одлуката.

Гоце Стевковски

ЗЏМ е едно од здруженијата која ја раздвижи македонската џез сцена. Биг бендот даде стимул за создавање нова музика. Знаете, кога ќе видите дека вашата дејност е позитивно оценета и веќе е трајно забележана во стручни публикации од областа на историјата на музиката на земјава, тоа ви дава уште поголем поттик да работите, затоа што некој го осознал и забележал нашиот ентузијазам, професионалност и квалитет, вели Стевковски. Досега имаат реализирано концерти со тројца наградени со „Греми“ – Дон Менза, Луис Бонила и Курт Елинг.

– Она што е национално во ЗЏМ не се само музичарите кои се видливи на сцена, тоа се и делата на македонските композитори и аранжери кои ги афирмираме. Трагично е македонската публика да нема можност да ги чуе делата на пример на Пејовски, Глишиќ или пак Шпато, како од класичен џез, се развило нешто современо кај Велков, Спасовски, Николов, Емин. Да слушне како од фолклорните инспирации се
приближуваме или оддалечуваме, или како сегашните креативци ја доживуваат денешницата. Високата професионалност и умешност на оваа неповторлива генерација на музичари од светски калибар, квалитетот на музиката и изведбата на истата, полните сали каде ги реализираме концертите во Филхармонија, МОБ, Долни Сарај, „Ватрослав Лисински“ во Загреб, природно може да извлечете заклучок дека тоа време за институционализација е одамна дојдено, дури мислам дека доцниме со процесот – вели Стевковски.

Овој состав до Министерството за култура има доставено иницијатива за основање национална установа, Оркестар за џез музика– Скопје. Во тој контекст, Здружението изработи елаборат во кој се разработува идејата за реализација на овој проект.

– Го разгледавме елаборатот и ја земаме предвид сета поддршка што ЗЏМ ја има и од регионот, како и целокупното нивно активно работење во земјава, и надвор од неа. Се работи за сериозен ансамбл и поради тоа се потребни и сериозни анализи околу потребата на формирање нова национална установа, за што Министерството ќе продолжи, низ конструктивни средби со ЗЏМ да дојде до вистинското решение. Имаме предвид дека се работи за состав кој е единствен во земјава, како и за тоа дека нивната работа е во подем, а за истата постои огромен интерес во јавноста, како и фактот што Северна Македонија располага со сопствен соодветен стручен кадар, со стекнато формално образование на реномирани уневерзитети во земјата и странство во жанрот на џез музиката. Оваа национална установа, пред сé ќе ги задржи малкуте квалитетни џез музичари кои ги има, а потоа ќе се грижи за негување на џез културата, ќе ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа. Во тој контекст, установата ќе работи на подобрување на музичката продукција, ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез фестивали и настани кои ќе помогнат во негување на џез културата во Македонија и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации кои ја негуваат истата дејност – за Умно.мк велат од Министерството.

Џезерите сметаат дека за ваквите прашања треба да се реагира навремено, односно да се препознае моментот кога да се донесе одлука за институционализација, бидејќи „во спротивно ќе биде уште една испуштена можност да направиме нешто по кое веќе нè препознаваат во регионот и пошироко и со тоа да покажеме дека се грижиме и ги негуваме вистинските вредности.

Од концертот со Рамбо Амадеус во Скопје

– Покрај сегашните членови кој се поголем дел школувани на најдобрите џез академии во Европа и Америка, тука се и студентите од двете академии во Штип и Скопје кои својата иднина би можеле да ја видат како дел од овој оркестар, но и тие што се моментално на џез студии надвор од државата – додава Стевковски.

На прашањето како функционираат овој вид оркестри во регионот, првиот човек на здружението објаснува дека на просторот од Словенија до Бугарија ваков тип на оркестри се обично под државните (националните) сервиси и функционираат како посебни единици, исто пракса е да се под капа на градот или државата.

– Фино е да спомнеме дека во овие земји има и по три и повеќе биг бендови во зависност од културната побарувачка. Познавајќи ја општата состојба и инфраструктурата тука сметаме дека моделот по примерот моделот по примерот на Линколн центарот во Њујорк е најприфатлив за нас. Мислам дека за почеток се работи за бројка од 30-мина луѓе – оркестар со стручна служба, а ќе зависи од тоа дали оркестарот ќе има свој простор каде би работеле или би биле сместени во некои од постоечките институции – вели Стевковски.

Сподели