Жири на 43.„Браќа Манаки“: Импресионирани сме од квалитетот на филмовите и на фестивалот

Дали камерата ѝ служи на приказната во филмот, филмот како целина, односно емотивното влијание врз гледачот се критериумите според кои ќе одлучува меѓународното жири за наградите Златна, Сребрена и Бронзена камера 300, како и за „Малата камера 300“ за кратки филмови. Како и секоја година, комисијата брои пет члена, а претседател е искусниот кинематографер Жан Мари Дружу, член на Француската асоцијација на кинематографери, кој има неколку значителни остварувања и номинации за наградата „Цезар“. Наградите ќе бидат доделени на затворањето на фестивалот, вечерва во 21 часот во Центарот за култура. Фестивалот ќе биде затворен со премиерата на македонско-кипарскиот филм “Снежана мора да умре” во режија на Кристијан Ристески.

– За прв пат сум во Битола. Многу сум слушал за градот и за фестивалот од многу мои колеги и особено ми е драго што ова е 43. издание на фестивалот, а истовремено и јас одбележувам 43 години работа како кинематографер и тоа е прекрасно совпаѓање. Импресиониран сум од проекциите и од квалитетот – рече Дружу.

Маја Богојевиќ

Маја Богојевиќ е основачка и главна уредничка на црногорскиот магазин „Камера лусида“, професорка по филмска теорија на Факултетот за уметности во Долна Горица. Таа е претседателка на црногорската национална секција на ФИПРЕСЦИ и член на ФИПРЕСЦИ жирито на Канскиот фестивал во 2013 година.

– Жал ми е што мојата колешка Мелиса не можеше да дојде овде за жените да бидат побројни на конференцијата, но сепак се уште се чувствува женската енергија. Ја сакам Битола и фестивалот „Браќа Манаки, сум доаѓала многу пати на Фестивалот, едноставно ја сакам Македонија – рече Богојевиќ.

Карлос Дијас Мунос и Жан-Мари Дружу

Карлос Дијас Мунос е претседател на Друштвото на кинематографери во Мексико. Член е на тоа друштво уште од 2004 година, мошне прецизен во однос на наративноста, визуелните ефекти и автор на музички видеа, документарци, реклами. Учестувал во над 2.000 вакви проекти во неговата 35-годишна кариера.

– Никогаш не сум бил во Македонија и во Битола и навистина сум почестен што сум дел од Фестивалот што ги слави кинематограферите, кој е толку респектабилен во светот на филмските работници. Ја почувствував  топлината на луѓето и топлината и среќен сум што што ја имам да гледам филмови на манифестација што ги слави кинематограферите – рече Мунос.

Самир Љума

Самир Љума е македонскиот претставник во жирито, најмногу познат по неговиот креативен удел во филмот „Медена земја“ , кој беше македонски кандидат за „Оскар“.

– Драго ми е што повторно сум на фестивалот „Браќа Манаки“. Секоја година доаѓам, со исклучок на минатата година кога не можев поради работни обврски. Почестен сум што сум член на жирито заедно со драги колеги кои ги запознав во изминатите денови. Имаме прекрасна соработка. На почетокот се плашев дека во дискусиите околу филмовите може да имаме комплетно различни гледишта, што е нормално, но увидов дека слично размислуваме и мислам дека тоа ќе придонесе за поедноставно донесување на одлуката, иако филмовите се прекрасни, програмата е фантастична и сметам дека ќе имаме конфликт самите со себе да одлучиме кој ќе биде најдобриот, иако не сме ги догледале до крај филмовите имаме уште два дена, вели Љума.

Мелиса Созен е турска актерка позната по една од главните улоги во канскиот победник, филмот „Зимски сон“. Глумела во повеќе турски серии и филмови и беше еден од најзабележителните ликови во Битола деновиве.

Сподели