Ако културата е лицето на една држава, тогаш да го покажеме ние нашето, а не упорно да се криеме под превезот на нашата зачмаеност, вели Марија Стојанова, една од основачите на фестивалот што почнува вечерва во 14. пат во Гевгелија
Изложби, инсталации, филмови, промоција на роман, работилница за деца, видеопроекции и други содржини ќе бидат дел од програмата на Фестивалот БОШ што се одржува во Гевгелија. Скромно започна пред 14 години, во чест на прерано починатиот актер Бошко Бозаџиевски, а полека и сигурно прераснува во фестивал препознатлив на независната културна сцена.

Разговараме со Марија Стојанова, која е дел од „Арт Еквилибриум“ – здружение што се занимава со продукција и издаваштво и соработува со разни колективи во областа на музиката, графиката и литературата. Фестивалот ќе се одвива на две локации – Народниот театар и во Уметничката галерија „Амам“, а ќе биде промовиран и нов мурал на Ракометното игралиште во Гевгелија. 14 години БОШ оаза во нашата база Гевгелија.

– Програмата е локално сконцентрирана, глобално ориентирана, посветена на изложби, инсталации, филмови, промоција на роман, работилница за деца, саем на независно издаваштво, концерти, мурал, видео проекции врз објекти. Два фестивалски дена, 14 години БОШ – оаза во нашата база – вели Стојанова.
Фестивалот расте секоја година барем за едно скалило погоре, како организациски, така и продукциски.
– Како расте фестивалот, така растеме и ние како екипа, тим… Програмски нема да коментирам, затоа што од самите почетоци БОШ си ја има зацртано траката по која ќе се движи, програма претежно застапена од независната и алтернативната сцена, странска или наша – додава Стојанова.

Фестивалот ќе биде отворен со промоција на поемата „Алгоритмеа: Евлогија за дигиталните богови“ од Стефан Марковски, закажана за 19.30 часот во Народниот театар. Станува збор за експериментална постмодерна поема во која авторот си подигрува со границите на сето она што го чини креативниот процес, „стрелата на времето“ и еволутивниот творечки и технолошки развој, модалитетите на создавањето и пишувањето, дури и оние на авторството во еден роланбартовски хиперреален постмодернизам, каде што како автор на едно книжевно-уметничко дело може да се јави, макар и симболично или метафорички, „вештачко-интелигентен софтвер“. Илустрациите се дело на Вангел Срнаков.

Во 21.30 часот ќе следува отворање на изложбата „Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм“ и „Скица за комична опера“ на Владимир Лукаш.
Промоција на книга печатена во сито-печат, „Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм“, во соработка со Flipbook Film Festival и Партизанска штампа, која го обработува проблемот на малиот невидлив човек, кој е дел од големите предвидливи индустрии преку одредени фолклоризирани профили на луѓе што работат во анимираниот Б филм. На изложбата исто така ќе биде претставена оригиналната верзија на книгата „Скица за комична опера“ како колекција на ликови и портрети на луѓе застапени во класична венецијанска комична опера со сите нејзини интриги.
Владимир Лукаш е мултимедијален уметник, кој живее и работи во Скопје. Активно музицира и пишува, односно досега објавил 8 авторски книги и реализирал концерти, самостојни и групни изложби во Скопје, Берлин, Њујорк, Истанбул, Лондон…
Ќе следува и изложбата „Биоморфинзи“ на Атанас Ботев – серија цртежи што се надоврзуваат на сензибилитетот на делата настанати во периодот од 2009 – 2012 година. Цртежите се своевидни фигуративни апстракции во кои авторот истражува нови графички територии.
Атанас Ботев е мултимедијален уметник, кој работи во повеќе медиуми: сликарство, графика, цртеж, стрип, инсталација и перформанс. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, работи како раководител на Отвореното графичко студио при Музејот на Град Скопје. Реализирал повеќе работилници, како и самостојни и групни изложби во Србија, Македонија, САД, Франција, Германија.

Низ градот ќе се случуваат и видеопроекции врз објекти на авторoт Ице Капсаров – Keep Going. Во сабота ќе следува промоција на мурал, изложба на фотографии на Иван Кал’чев, изложба на млади уметници како и музички дел.
На прашањето каква поддршка имаат од локалната самоуправа, а и воопшто, од државата, Стојанова вели дека помага и приватниот сектор, „меѓутоа тоа е многу малку во споредба со тоа што можеме и што сакаме да направиме“.
– Некогаш не можеш да си ја завршиш професионално работата, баш поради недостиг на финансии. Некако мора да се има осет и слух за ваквите фестивали, треба повеќе да се инвестира, а и мотивира. Само свртете се наоколу по соседството, ете не мора многу далеку, погледнете само Косово колку многу инвестира во културата. Ако културата е лицето на една држава, тогаш да го покажеме ние нашето, а не упорно да се криеме под превезот на нашата зачмаеност – завршува Стојанова.





