Биеналната изложба „Зимски салон“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија ќе биде отворена в четврток (26 февруари) во 20 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Селектор на 21. издание на изложбата е Лилијана Степанчиќ, куратор од Љубљана.
Во своето повеќедецениско постоење, „Зимскиот салон“ се етаблира како значајна биенална изложбена структура што ја мапира актуелната состојба на современата визуелна продукција на ДЛУМ. Изложбата е репрезентативен пресек на авторски практики, од афирмирани творци до нови генерации уметници, кои преку разни медиуми, дисциплини и поетики ги артикулираат современите естетски и општествени прашања.
– Како изложбен формат со историја на храбри концепциски поставки, Салонот функционира како дискурзивно поле во кое уметноста не е само одраз, туку и критички инструмент на општествената реалност. Неговата автономија овозможува простор за истражување, преосмислување и деконструкција на воспоставените норми, отворајќи перспективи кон нови наративи, вредносни системи и облици на изразување – велат од ДЛУМ.





