Најголемото сквернавење на македонскиот јазик доаѓа од политичарите коишто го користат јазикот како инструмент за празна политичка реторика и политички пресметки. Јавен укор до нив: Немојте напразно да ја изговарате синтагмата македонски јазик, ниту, пак, да се колнете во неа. Таа е поголема од сите нас – вели проф. д-р Ана Витанова-Рингачева, вонреден професор на Катедрата за македонски јазик и литература на Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.
Светот денеска го одбележува Меѓународен ден на мајчиниот јазик. УНЕСКО го прогласи 21 февруари за Меѓународен ден на мајчиниот јазик, а историските настани што ѝ претходеле на оваа одлука се поврзани со големите студентски протести од 1952 година, организирани од членовите на „Движењето за бенгалскиот јазик“ во Источен Пакистан, кои резултирале со судири и жртви. На овој ден во 1948 година јазикот урду бил прогласен за службен јазик во тогашен Источен и Западен Пакистан. Народот на Источен Пакистан (денешен Бангладеш), чиј главен јазик бил бенгалскиот, не ја прифатил оваа одлука и започнал протести, појаснува проф. д-р Ана Витанова-Рингачева, вонреден професор на Катедрата за македонски јазик и литература на Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.
Во Декларацијата на УНЕСКО за културна разновидност, меѓу другото, е наведено правото на секоја личност да се изразува и да создава на јазик што ќе го избере, а особено на мајчин јазик. Денес, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одбележува како ден за промовирање на лингвистичката и културната разновидност, како и за потенцирање на важноста и уникатноста на секој јазик поединечно. Со Витанова-Рингачева разговараме за состојбата со македонскиот стандарден јазик.

Што значи за Вас мајчиниот јазик како носител на идентитетот, традицијата и културната меморија?
– Мајчиниот јазик е архивот на една цела култура. Тој во своите долапи како најголема скапоценост ги чува традицијата, идентитетот и културната меморија на еден народ. Тоа е јазикот на кој човековата мисла најприродно се разгранува, јазикот на кој емоцијата продира најдлабоко, влегувајќи во симбиоза со безброј реални и замислени светови. Во неговото јадро се вткаени чувствата, мислите и размислите на човекот и на народот како едно цело. Во него се вдомени нашите мали и големи приказни, нашите таги и радости, гревови и молитви. Мајчиниот јазик е домот што никогаш и ништо не може да го сруши, бидејќи неговиот темел е вкопан длабоко во невидливите карпи под нашите нозе. Таму нашите предци, силно преклопувајќи ги рацете, создавале вековни мостови низ кои мислата и денес поминува. Всушност јазикот е тоа големо едно што нè осмисли како народ. Oти, ако на почетокот беше зборот, а зборот е јазикот, тогаш значи јазикот е во изворот на сѐ што гледаме, слушаме, доживуваме, примаме, осмислуваме. Јазикот е дом, но јазикот е и дворот околу, јазикот е парчето небо над домот, јазикот е во смеата и плачот, во песната и приказната, во клетвата и благословот. Од сите нив јазикот постојано ја црпи својата сила. Така се развива, така дише, така живее.
Зошто за македонскиот јазик е важна правилната употреба, научноистражувачката работа и осовременувањето врз постоечката лексичка и културна основа?
– За Македонците, како и за сите други народи во светот, јазикот не е само средство за комуникација – тој е врвна национална и естетска вредност. Македонскиот јазик, длабоко вкопан во коренот на нашиот идентитет, поминал низ бурни историски премрежиња и времиња полни со превратности. Наследството на големите визионери – лингвисти, книжевници и писатели – нè обврзува на пожртвувана научнонаставна работа, за со аргументи да покажеме дека македонскиот јазик е еднакво голем, витален и афирмативен како секој друг жив јазик. Јазикот е жив додека има живи говорители кои на него зборуваат, пишуваат, размислуваат и чувствуваат. За да остане витален, тој бара правилна употреба, истражување, но и свесно осовременување врз богатата лексичка и културна основа која ја наследивме. Богатата уметничка литература, која започна да се создава уште во времето кога ехото на војната сè уште одекнуваше, па до денес, донесе дела со високи уметнички вредности – поетски, прозни и драмски. Преводите на македонски јазик се најсилниот доказ за неговата различност, автохтоност и способност да ги следи новите текови на светската книжевност. Ако еден јазик може да допре до највисоките естетски дострели на книжевниот израз, тогаш тој има своја духовна колевка – место каде растел, созревал и се отворил кон светот, оставајќи траен печат врз културната и духовната историја на својот народ.
Кои се, според вас, најголемите проблеми во однос на употребата на македонскиот стандарден јазик? На што треба да се фокусираме?
– Јазикот е во корелација со условите во кои природно треба да се развива и да се пренесува на идните генерации. Првиот и најсилен бедем – чувар на македонскиот јазик на своите плеќи го носат семејството, државата, образовните институции и медиумите. Сите тие се подеднакво одговорни за тоа колку македонскиот јазик ќе успее да ја задржи својата виталност и кондиција. Институционално, македонскиот јазик е закрилен со Законот за употреба на македонскиот јазик, донесен во јануари 2024 година, но ми се чини дека сè уште не сме ги почувствувале придобивките од него. Најголемото сквернавење на македонскиот јазик доаѓа од политичарите коишто го користат јазикот како инструмент за празна политичка реторика и политички пресметки. Јавен укор до нив: Немојте напразно да ја изговарате синтагмата македонски јазик, ниту, пак, да се колнете во неа. Таа е поголема од сите нас.
Она што можеме да го направиме како родители, наставници или медиумски работници е да внимаваме на правилната употреба на јазикот, и тоа да го правиме ревносно. Кога како родители или наставници ќе воочиме дека детето заменува македонски збор со англицизам, треба веднаш да реагираме. Особено е загрижувачка состојбата во училиштата и градинките, бидејќи нашите истражувања покажаа дека огромен процент од наставниците и воспитувачите наставата ја реализираат на дијалект. Секој што го прегрнал учителскиот позив, мора да му се предаде со сето свое битие. Наставникот треба да го живее македонскиот јазик и литературата напишана на него, да дише со него, да го варди како окото свое и, со родителски пристап, како завет да го пренесува на своите воспитаници. Наставникот, особено оној што ја одбрал македонистиката за своја професија, мора да биде глагољубив пренесувач на аманетот на Конески: „Од нас зависи дали нашата јазична средина ќе биде загрозена или не.“ За жал, сè повеќе сум убедена дека во Македонија свеста дека постои т.н. јазична култура речиси и да не постои. На прашањето: „На што треба да се фокусираме?“, одговорот би бил: на личната јазична култура.
Младите денес сѐ помалку го познаваат литературниот јазик и во нивниот говор како да доминираат зборовите од англискиот јазик. Ве плаши ли тоа?
– Глобализацијата и доминацијата на англискиот јазик се процеси што ги сведочиме секојдневно и скоро невозможно е да ги заобиколиме. Младите генерации живеат во свет целосно „заробен“ во доминацијата на англискиот јазик. Сосема природно е младиот човек да тежнее да се приклони кон масата којашто го зборува англискиот како лингва франка. Но, најголемиот проблем се појавува во раната детска возраст кога децата оставени да ги води современата дигитална технологија, стануваат нејзини жртви. Малиот детски ум во развој нема каде да го слушне чистиот македонски литературен јазик бидејќи сѐ што му се нуди како дигитална содржина е на англиски јазик. Во предучилишните установи наставниот кадар најчесто зборува на дијалект, во училиштата се соочуваме со истата состојба, медиумите немаат стратегија да продуцираат едукативни содржини интересни за новите генерации, а дигиталните уреди речиси и немаат апликации на македонски јазик. И ваквата состојба искрено сите нас македонистите нѐ загрижува повеќе одошто нѐ плаши, бидејќи понекогаш се чувствуваме немоќни пред налетот на силниот бран. Чинам дека ваквата состојба нѐ затекна неподготвени.
Како новиот Закон за високо образование може да обезбеди континуитет и афирмација на македонистиката и катедрите по странски јазици, без нивниот придонес да се мери само според бројот на студенти и трудови со импакт-фактор?
– Дебатата за новиот Закон е во тек и очигледно е дека донесе сериозни разногласија. Како професори, јасно ја согледуваме потребата за подигнување на критериумите и за унапредување на квалитетот на високото образование. Сепак, важно е да се истакне дека не сите области треба да се третираат на истиот начин; мислам на факултетите кои образуваат наставен кадар со посебен акцент на македонистиката и на Катедрата за национална историја. Катедрите за македонски јазик и книжевност, Институтот за македонски јазик, Институтот за македонска книжевност како и Институтот за фолклор се темелот на зачувувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, литературата и културата воопшто. На сите нив им е потребна афирмација и стратешка поддршка, а не натпревар со области што имаат сосема поинакви услови и можности. За да се обезбеди континуитет, неопходно е да се овозможат вработувања од редот на најдобрите студенти, врз основа на квалитет, а не по партиски заслуги и преку заобиколување на процедурите.

На младите истражувачи им треба поддршка и можност за споделување знаења. Државата треба системски да ги поддржи лекторатите по македонски јазик во странство, да обезбеди достоинствени услови за работа, да поддржува издавање и промоција на македонската наука и култура во Европа и светот. Свесни сме дека македонистиката не е во фокусот на големите светски истражувачки центри. Еден научник истражувач, чие поле на интерес е македонскиот јазик, книжевноста или фолклорот, ќе ѝ биде многу пополезен на науката, а со тоа и на државата, доколку му се даде можност и средства посветено да работи на проекти насушно значајни за македонистиката (речници, правопис, учебници, лексикони, дигитализација на јазичниот фонд, изработка на македонскиот јазичем корпус и сл.), отколку да троши време и ресурси во процеси налик на борба со ветерници. Затоа нејзиниот придонес не смее да се мери исклучиво преку бројот на студенти или преку импакт-факторите на научните списанија. Вистинската вредност на оваа област е во нејзината национална, културна и научна улога. Ако сакаме силна македонистика, мора да вложуваме во неа како во стратешки интерес на државата. Истото го мислам и за катедрите по странски јазици коишто, пак, претставуваат значаен инструмент на културната дипломатија и меѓународната афирмација на државата, па затоа нивната одржливост не смее да се сведува на прашање на бројност.
Минатата година излезе од печат букварот „Аз и Бука од планетата Азбука“. Каков предизвик беше ова издание за Вас и кому е наменето?
– Букварот излезе од печат по повод јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Намерата, заедно со издавачот Просветно дело и креативниот уредник Ксенија Маказлиева-Трајчева, беше да им понудиме на децата од предучилишна и раноучилишна возраст едно поинакво искуство во почетното описменување. Приказната за Аз и Бука се роди од прашањето на мојот син: „Дали на другите планети децата одат на училиште и ги учат буквите?“ Првичната идеја ја разработивме, а интересните содржини за буквите ни ги отстапи писателот Киро Донев. Покрај него, во Букварот се застапени и други познати македонски писатели за деца: Видое Подгорец, Наум Попески, Ванчо Полазаревски, Сузана Мицева и други. Овој Буквар комбинира традиционален метод на описменување со дигитални алатки, приспособени на новите генерации ученици. Содржи QR-кодови што водат до аудио и видеосодржини, овозможувајќи им на учениците да го слушнат правилниот изговор и преку современ мултимедијален пристап да се афирмира значењето на мајчиниот јазик уште од првите училишни чекори. На овој начин, печатеното издание се надополнува со дигитална компонента, што го прави процесот на учење подинамичен, повизуелен и поинтересен. Целта ни е уште од најрана возраст во срцата на најмалите да се посее семето на љубов кон македонскиот јазик.
Колку денес е присутна свеста за историскиот континуитет на македонскиот јазик кај современите автори и дали современата македонска книжевност успева да ја одржи рамнотежата меѓу јазичната норма и креативната слобода?
– Неодамна напишав: „Нашиот јазик е нашето узреано македонско утро, нашата македонска биднина.“ Тоа што веднаш по утврдувањето на јазичната норма почнале да се создаваат книжевни дела на македонски литературен јазик е најголемиот доказ за неговиот историски континуитет и духовно зреење. Јазикот и мислата се умножувале, се разгранувале и буеле. Големите книжевни епохи од историјата на македонската направиле своевидно откривање на нашето јазично богатство, па затоа историјата на македонскиот јазик неразделно и органски е поврзана со историјата на македонската книжевност, и обратно. Никулецот на првиот запишан поетски говор на македонски јазик е длабоко во средновековието, кога анонимниот црноризец ја оставал својата трага по ѕидовите и столбовите на манастирите или на маргините на евангелските преписи во скрипториумите.
За време на преродбата, Жинзифов, Миладинов и Прличев, длабоко вслушани во македонската народна песна, ги испеале личните и колективните болки на својот народ. А од Рацин, преку Шопов, Конески, Анте, Гане и Матевски, па сè до денес, песната стана нашата македонска magna carta. Ако поезијата е мајчин јазик на човештвото (Владимир Дворнаковиќ), тогаш таа скришум ги чува праобрасците на нашиот говор и мисла. Книжевната мисла на современите македонски поети и прозаисти има своја траекторија на движење. Приклонувајќи се кон идејата дека книжевната мисла има право на јазична игра, во која ќе ги поместува границите на јазикот, дел од авторите создаваат дела со урбан предзнак и ослободеност од јазичните правила. Иако текстовите изгледаат свежо, сепак, според моето лично размислување, стојат на линијата меѓу нормата и јазичната слобода. Друга група писатели, пак, пишуваат според строго утврдената јазична норма, покажувајќи голема дисциплина и свест за чистиот јазичен исказ. Сепак, читателот го има последниот збор.





