Култниот џез клуб Porgy & Bess во Виена беше последната станица на Националниот џез оркестар на нивната турнеja Macedonian Dreams (Македонски сновиденија). Ова беше уште еден одличен концерт што ќе влезе во мемоарите на овој оркестар, финале на првата поголема турнеја за националната институција. Овации, аплаузи, воздишки се слушаа од публиката. Ова беше ретка прилика досега Националниот џез оркестар да настапи во светски џез клуб во кој џезот се доживува и поинаку.
И на овој настап, предводен од диригентот Владимир Николов, имавме извонредни соло настапи на дел од членовите на оркестарот – Кирил Кузманов, Трајче Велков, триото – Гордан Спасовски, Кирил Туфекчиевски и Виктор Филиповски, младиот саксафонист Славко Георгиев, Иван Иванов и други.

На концертот присуствуваше и македонскиот амбасадор во Австрија, Освит Росоклија, кој беше одушевен од настапот и истакна дека ова се вистинските амбасадори на македонската култура.
Изненадување на концертот беа диригентот Зиги Фајгл и трубачот Луис Бонила (кој одржа концерт на отворањето на Скопскиот џез фестивал годинава. Фајгл им беше професор на дел од членовите на оркестарот и ги поддржува од прв ден на формирање на овој состав.
– Многу сум среќен што го слушнав оркестарот како публика, оти обично кога го слушам и стојам пред нив/диригирам. Не сум изненаден, туку сум само среќен. Оркестарот ја чувствува вистински оваа музика што ја слушнавме, музика со вкус на фолклорот. Тие се веќе одлично пораснати како оркестар и веќе не треба да бидат срамежливи и скромни, туку свесни колку вредат и дека припаѓаат на меѓународната сцена. Стануваат голем оркестар, среќен сум како се развиваат – изјави за Умно.мк, Зиги Фајгл.

Две девојки од Јужна Кореја го пофалија настапот, особено ората, односно ритамот. Рекоа дека како љубители на џез музиката, посетуваат џез клубови секаде каде што шетаат и посетата на Porgy & Bess и настапот на Националниот џез оркестар за нив бил полн погодок.
За Ида Протуѓер, која десетина години живее во Виена, настапот на Националниот џез оркестар бил вистинска радост.

– Сега прв пат ги слушнав членовите на џез оркестарот, бидејќи тука сум 10 години и не сум имала прилика да им одам на концерт. Јас сум одушевена од аранжманите. Посебно што се инспирирани од нашиот фолклор. Многу се радувам на вакви настани, а и на Националниот џез оркестар му посакувам да ја прошета Европа со концерти – изјави Протуѓер.
Директорот на Оркестарот, Гоце Стевковски и по последниот концерт од оваа турнеја истакна дека изборот на музиката и целиот концепт на „Македонски сновиденија“ се покажаа како полн погодок за ова прво поголемо претставување на Националниот џез оркестар пред светот.

Освен во Виена, џезерите настапија и во Будимпешта (Универзитетот ЕЛТЕ) и во Прага во клубот „Ла фабрика“.
Фото: Маја Аргакијева







