Умно користам кирилица, Умно е да знам дека незнам се пишува не знам, Умно е да знаеш дека правилно се вика виљушка, Умна сваќа сфаќа… Ова се само дел од слоганите отпечатени на маички, картички, подлоги за чаши, магнети и приврзоци подготвени во рамките на проектот „УМНО е правилно да го користиш македонскиот јазик“ кој годинава беше поддржан на повикот за креативни и културни индустрии од Министерството за култура и туризам. Креативната акција е во рамките на кампањата „УМНО е“ и одбележувањето на „80 години од кодификацијата на македонскиот јазик“.
– Целта е преку кратки и звучни слогани да придонесеме правилно да се употребува македонскиот јазик, особено на зборови кои граѓаните масовно погрешно ги користат – пишување „незнам“ споено, зборот „сфаќа“ односно разбира најчесто се пишува „сваќа“ што значи жена на сват и слично. Преку анимирање ќе ја едуцираме пошироката јавност за најчестите грешки во употребата на македонскиот јазик – велат од Умно.мк.
Авторка на дизајнот е графичката дизајнерка Катарина Пренда, а слоганите ги подготвија Весна Ивановска-Илиевска и Сребра Ѓорѓијевска, основачки на Умно.мк. Дел од производите наскоро ќе се продаваат во продавниците на Литература.мк, книжарниците на Издавачки центар ТРИ, АНТОЛОГ – Книжевен центар, Полица, Клуб Матица и локалните книжарници каде веќе се продаваат производите на Умно.мк. Дел од нив ќе се продаваат и на профилите на Умно.мк на Фејсбук и Инстаграм.
– Проектот ќе придонесе и за зајакнување и самоодржување на Умно.мк – единствениот специјализиран дигитален медиум со фокус на културата, образованието и науката во Македонија, раководен од професионални новинари – велат од Умно.мк.













