Жените имаат и ќе имаат пресудна улога во медиумите

Жените имаат и ќе имаат пресудна улога во медиумите, беше пораката со која беше отворена изложбата „Жените зад насловите: 80 години медиумска историја“ отворена во скопското кафуле „Излет“. Изложбата е посветена на дел од жените кои оставиле силен печат во македонската медиумска историја. Беа изложени 30 портретни фотографии на новинарки, уреднички, монтажерки, снимателки, фоторепортерки, спикерки кои на различни начини со својата работа оставиле печат/траг во медиумскиот простор и во јавноста.

На изложбата беше потенцирано дека жените во медиумската индустрија играат клучна улога уште од првите денови на македонското новинарство. Нивното присуство не било само симболично, тие влијаеле врз етаблирање на професионалните стандарди, отворале авангардни теми кои го менувале општеството и биле глас за оние што останувале без глас во јавноста.

Мира Костиќ повеќе од 40 години работела во Македонското Радио.

– Да се биде жена-новинар е исклучително тешко. Според традиционалното општество, жената прво дома треба да си ги среди работите, а потоа да оди на работа и да ја заврши професионалната обврска. Без оглед на тоа што новинарството е тешка и високоризична професија, за мене тоа е најубавата професија која повторно би ја избрала – рече Костиќ.

Изложбата опфати фотографски портрети на: Веселинка Малинска, Ружа Бак, Невенка Митревска, Лилјана Мазова, Жанета Скерлев, Мира Костиќ, Мира Јанковска, Лиле Јаковлевска, Оливера Попанкова, Милка Герасимова, Јадранка Костова, Горица Попова, Маја Илиевска Јанева, Марина Ристевска, Тања Битољану, Тамара Чаусидис, Бранка Станковска, Љупка Апостолова, Ема Николовска, Лилјана Чаловска, Дрита Карахасан Бошковска, Сузана Каба, Назмије Пацоли, Мерита Дитатаху, Вера Тодоровска.

Изложбата ја организираа Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Женската медиумска мрежа „Еднаква“.

Насловна фотографија: ССНМ

Сподели