Јубилеј на ИСППИ – 60 години темел на општествените науки во Македонија

Повеќе од 200 објавени наслови, монографии, зборници, списанија, многубројни соработки со институции и организации дома и во странство, вредни научни партнерства и заеднички проекти зборуваат за институцијата која веќе шест децении претставува еден од темелите на општествените науки во нашата земја, рече проф. д-р Бојана Наумовска на одбележувањето на 60-годишнината од формирањето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Бојана Наумовска

Во полна сала во скопското кино „Фросина“ на свечената академија присуствуваа претставници на Институтот, сегашни и професори во пензија, соработници, политичари и претставници на дипломатски претставништва во земјава. Пред присутните се обратија ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска и проф. д-р Петар Атанасов кој од почетокот на октомври ќе ја преземе раководната функција на ИСППИ. Свеченоста почна со настап на Академскиот хор „Мирче Ацев“ со интонирање на три химни: македонската државна химна „Денес над Македонија“, студентската химна „Гаудеамус“ и химната на УКИМ.

Петар Атанасов

Наумовска во два мандата беше директорка на Институтот. Таа се осврна на изминатите шест децении низ кои ИСППИ помина низ различни организациски форми и општествени контексти.

– Од социјалистичка самоуправа до современи демократски процеси, секогаш остана верен на својата суштинска улога: да биде релевантен глас во научната заедница, партнер во образовниот процес и активен учесник во општествениот развој – рече Наумовска.

Таа потенцира дека истражувањата што ги реализирале досега опфаќаат повеќе науки: од социологија, право и политички науки, до менаџмент, комуникологија и интердисциплинарни истражувања.

– Постдипломските и докторските студии што ги организираме од 1967 година се одраз на неговата трајна посветеност кон образованието и создавањето на нови генерации истражувачи. Денес, тие се признати и ценети академски програми во земјата и во странство – рече Наумовска.

Борче Николовски, Весна Јаневска и Наумовска

Основан во 1965 година со Одлука на Универзитетскиот совет на УКИМ, ИСППИ претставува јавна научно-образовна институција која веќе шест децении е еден од темелите на општествените науки во нашата земја и учествува во градењето врски меѓу науката, образованието и општеството. Во рамките на одбележувањето на јубилејот, Институтот додели благодарници во знак на признание за институционалната соработка и поддршка во развојот на Институтот, за долгогодишната соработка и поддршка на наставната и научноистражувачката дејност.

Бојана Наумовска и Биљана Ангелова

Гостите добија печатени примероци од Програмата на настанот со QR код преку којшто во дигитална форма може да се преземе јубилејната монографија подготвена по повод 60 години од основањето на Институтот. По Свечената академија гостите продолжија со неформална дружба проследена со музичка програма.

(В.И.И.)

Фото: Игор Димовски

Сподели