Во издание на ТРИ, а дел од едицијата „Читаме заедно“ неодамна излезе од печат сликовницата „Желбата на ежот“. Има едно нешто во кое сите ние сме еднакви: во желбата да бидеме сакани. Секој има потреба да живее во заедница, со љубов и разбирање, порачува авторот на сликовницата, Тон Телеген од Холандија.
Преводот е на Ели Пујовска. Ова е чудесна приказна за пријателството и за прифаќањето на разликите. Таа ќе ве разнежи со трогателната приказна за тажниот еж кој ни дава убава лекција за соживот проникнат со меѓусебно разбирање. Токму како што ни кажува проектот од кој книгава е дел – „Читаме заедно“, зашто сите сме едно! – велат од ТРИ.
Преку овој вид литература децата на најподатлив начин за нив ги учат вистинските морални вредности на животот. Ова е уште една сликовница во низата квалитетни книги за деца со кои Издавачки центар ТРИ се стреми да ги подготвува идните читатели и, пред сè, личности за животот. Со тоа, книгата на Тон Телеген на најубав можен начин ја остварува идејата на проектот поддржан од програмата „Креативна Европа“.





