Малешево прогласено за заштитен предел

Дел од Малешево е прогласено за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел, одлучи Владата на денешната 127 седница. Површината на идното заштитено подрачје изнесува 11.460,89 хектари со три зони на заштитено подрачје за заштита и унапредување на природата.

– Прогласувањето на дел од Малешево за заштитен предел ќе придонесе да се унапреди имплементацијата на Aichi целите од Конвенцијата за биолошка разновидност (CBD) и другите конвенции за заштита на природата – соопштија од Владата.

Процесот за прогласување на Малешево за заштитено подрачје се води во рамки на Програмата за зачувување на природата (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“ од Скопје. Локалната експертиза во процесот е на Македонското еколошко друштво – МЕД, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Берово и Пехчево

– Присуството на значајни видови и живеалишта, значајни локалитети од аспект на геодиверзитетот, културното наследство како и вековната интеракција помеѓу човекот и природата која резултирала со појава на значајна пределска разновидност, го прават Малешево особено вредно за зачувување – велат од МЕД.

Со заштитениот предел ќе управуваат „Национални Шуми“, а ПЗП ќе обезбеди дополнителна поддршка при изработката на Планот за управување и зајакнување на капацитетите на телото.

Насловна фотографија: Wikipedia

Сподели