Здружението на пијанисти и музички педагози „Пијано од Битола“ го креираше првиот „Виена гала фест“. Ова е уникатен музички настан дизајниран да ги едуцира и инспирира музичарите од целиот свет, помагајќи им да го откријат својот музички потенцијал. Селектирајќи ги најдобрите млади таленти на сите инструменти и од сите земји ширум светот преку онлајн натпревар, на најдобрите натпреварувачи им се овозможи незаменливо искуство да настапат на Фестивалот Виена гала фест. Целта е да ја зајакне музичката култура, да го промовира вреднувањето на класичната музика и да имплементира иновативни образовни методи за младите таленти кои се стремат да ја продолжат својата музичка кариера преку различни инструменти.
На онлајн селекцијата, жирито составено од еминентни музички педагози од Америка, Русија и од Австрија селектираше победници што освоија златни медали и на кои што организаторот им испрати покана за настап во Виена. Концертот во познатата сала Ehrbar Saal беше посветен токму на победниците од првото издание на Виена гала фест. Со учество на околу 90 натпреварувачи од 19 различни земји, настанот беше големо музичко случување, кое ги собра најдобрите млади музичари од светот во центарот на културата – Виена.
Државното музичко училиште од Битола учествуваше со наградените ученици: Симон Четелев и Јана Стојковска (проф. Вера Поповска), Марко Буџаковски, Јане Петровски, Теона Буџаковска, Емануел Петрески и Теона Ванеска ( проф. Јана Четелева-Белевска), Алексеј Белевски, Фотина Наумоска, Изабела Ѓеоргиев (проф. Доминика Робе Поповска), Тамара Василевска (проф. Верица Дивитарова), Климент Ристески (проф. Маја Митровска) во пијано придружба на проф. Анастасија Гическа.
Овој фестивал обезбедува можности за поврзување со други посветени млади музичари, да се искусат музичките престолнини во светот и да се настапи на светски позната престижна меѓународна сцена. Виена гала фест ја поттикнува креативноста и самоизразувањето, нудејќи им на учесниците шанса да допрат до меѓународна публика за време на концертот на победниците токму во оваа прекрасна сала.
Изминативе четири години Здружението Пијано со свечени настани го одбележуваше 30. Март, Меѓународен ден на пијаното.





