Од печат излезе српскиот превод на збирката раскази „Вечерен автобус“ од младиот македонски писател Стефан Алијевиќ. Изданието е на „Културанова“ од Нови Сад е дел од едицијата „Зад барикадата“, а преводот е на Ѓорѓе Божовиќ, доцент по општа и балканска лингвистика на Филолошкиот факултет на Универзитетот во Белград. Македонското издание е на „Или-Или“ и е објавено минатата година.

Прмоцијата на српското издание се одржа минатата недела во Нови Сад. Промотори беа хрватскиот поет Ален Брлек и српскиот писател Далибор Томашовиќ. И двајцата истовремено се јавуваат и како уредници на книгата.
Како едиција, „Зад барикадата“ постои од 2017 година. Целта е да ја поддржува и афирмира некомерцијалната книжевност која настанува настрана од мејнстрим книжевните кругови.

– Наспроти комерцијализацијата на книжевноста и без компромис, едицијата отстапува простор на дела кои се отворени за експеримент. „Зад барикадата“ поддржува и автори поединци и групни изданија/проекти кои отвараат малку поинакви светогледи кон книжевноста. Ги стимулира читателите на покритички ставови кон еден свет во кој книжевноста не останува само меѓу кориците, туку сака да воспостави однос помеѓу она што е напишано и реалноста која не опкружува – велат од „Или-Или“.
Стефан Алијевиќ (1991, Гевгелија) дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите за Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност. „Вечерен автобус“ е негова прва објавена книга и е една од добитниците на регионалното книжевно признание „Штефица Цвек“.





