Комеморација за археологот Ленче Јованова која викендов трагично го загуби животот, денеска во 13 часот ќе се одржи во Музејот на град Скопје, институцијата во која работеше сиот работен век. Јованова беше вработена како археолог, кустос-советник за римскиот период во Музејот на град Скопје од 1983 година до нејзиното пензионирање во 2022 година.
– Како раководител на археолошките истражувања на локалитетот Скупи, речиси четири децении неуморно и посветено работеше на афирмација и презентација на историските и културни знаменитости на овој римски град. Автор е на голем број на научни трудови, студии и статии, како и на неколку монографии и изложби за локалитетот Скупи. Со тоа даде огромен придонес во развојот на македонската и балканската археолошка научна мисла, но и за презентација на македонското културно наследство во земјата и светот. Ленче Јованова беше врвен професионалец, но во нашите сеќавања ќе остане запаметена и по својот добар и смирен дух, мудрост и топлина – велат од Македонското научно друштво и Музејот на град Скопје кои ја организираат комеморацијата.
Собирот е отворен за сите колеги, соработници, познаници и пријатели што сакаат да ѝ оддадат последна почит на Јованова.
Фото: Македонско археолошко друштво