Жарко Јовановиќ, актер: Некои јавни фаци сакаат и да настапам место нив

Веројатно сум имал среќа да ме фати мајата или е до воздухот од Куманово, град што дал многу актери низ историјата, вели актерот Жарко Јовановиќ. Тој е член на ансамблот на Театарот од Куманово во последните пет години, а неговиот лик престорен во познати политичари и јавни фаци неретко се случува и да го замешате со „оригиналот“. Неговата последна премиера е „Калигула“ на режисерот Ѓорѓи Ризески, a во тек е подготовката на нова премиера во Куманово, што  ќе биде изведена на „Денови на комедијата“.

Имитарањето познати јавни личности е твоја пасија, ама и голема дарба. Дали од мал ја развиваше оваа дарба?

– Секако од многу мал и имитирањето започна најпрво со „непознатите”, односно од кругот на семејството, па се прошири на тој начин што се она што го гледав на телевизија, јас го симнував како оној папагал што имитира звуци, за да сфатам дека од тоа може да излезе и некоја уметност, нели, и ете… Една од првите имитации се сеќавам беше на Мистер Бин кога ги гледав неговите серијали го имитирав по дома.

Како реагираат луѓето што ги имитираш? Дали си имал непријатни ситуации, лутење и сл?

– Не сум имал такви ситуации, напротив тие луѓе кои што сум ги имитирал сакале и да ме видат да ме сретнат вака и во моментот пред нив сум ги имитирал, со некои сум и снимал видеа. Некои дури и се шегуваат јас кога не можам да стигнам нешто да завршам, може да те пуштам тебе наместо мене, некои сакаат и да ги менувам додека не се тука хаха… Немало никој, освен една дама која што живее во Франција, нејзе ваквите балкански уметнички форми имитации не и’ се допаднаа..

Кој лик ти е омилен од тие што ги имитираш?

– Во театар улогите се различни и од нив можам да издвојам која ми е омилена. Тука имитациите ги гледам подеднакво. Сепак, ако треба да издвојам не најомилена, можеби најлесна во која што секогаш можам да се трансформирам е онаа на бившиот премиер Никола Груевски. Тој низ годините ми стана како алтер его хаха, она што е зелената маска кај Џим Кери, тоа е Никола кај мене… После 12 знам да се престорам во него, некогаш знам и да не спијам 24/7.

Ти требаше ли многу време за да ја совладаш таа улога? 

 – Со оглед на тоа колку беше застапен на малите екрани, тешко беше да се заобиколи таа имитација… Јас и да не сакав да го имитирам, од толку слушање само ми доаѓаше во гласот така да прозборам хаха.. Па добро прв пат се сеќавам почнав да го имитирам на факултет во некои етиди, вежби го внесував како имитација, но вистинското имитирање почна подоцна кога снимив едно видео кога бев во Унгарија на едно театарско гостување и сите мислеа дека зборува Груевски. Тогаш сфатив дека приказната со него може да отиде и подалеку и настанаа сите оние телефонски
јавувања и пренкови по јавните институции.. Чудно, но вистинито сите мислеа дека зборуваат со бившиот премиер…

Дел си од Кумановскиот театар. Таму публиката може да те види и во сериозни улоги, не само во
комедија. Дали ти реагира публиката чудно, во смисла дека очекуваат секогаш да се смеат кога ќе излезеш на сцена?

– Да, во Кумановскиот театар сум вработен веќе 5 години. Таму играм и сериозни улоги, една таква беше во последната претстава „Калигула“. Играв лик кој што поради околностите во одреден момент му се јавува говорна мана почнува да пелтечи… Публиката веднаш мислеше дека треба тоа да е нешто смешно и го поврзаа на тој начин, но тука застана зашто претставата е од сериозен ков и наратив и сфатија дека ова е сепак можеби нешто друго… На секој актер му е предизвик да игра секаков жанр, тоа е факт.

Какво искуство беше „Калигула“ за тебе?

 – Па со оглед на тоа дека таму јас бев дел од патрициите, а тие се со друг збор кажано робовите во текстот и претставата имав захтевна, тешка улога. Беше убаво да се одигра нешто вакво после неколкуте комедии кои што ги работев во театарот. А и претставата имаше убав одзив кај публиката, камерна е, изгледа убаво визуелно, нуди еден поразличен свет за миг тие два часа ја внесува публиката во сосема друг свет надвор од реалноста, а дека таа е тука камерно близу до актерите тоа дава уштепоголем ефект.

Шегобијството е препознатлив белег на кумановци. Сметаш ли дека те има допрено и тоа генерациско наследство?

– Тоа е, веројатно сум имал среќа да ме фати мајата или е до воздухот, не знам… Моите омилени актери отсекогаш биле од Куманово… Знаеме колку квалитетни имиња имаме што во комедијата, што во театарот и филмот кои потекнуваат од тука.

Дали ти е тешко некогаш да бидеш сериозен кога ситуацијата го бара тоа од тебе?

– Па не можам да кажам обратно, некогаш е тешко да играш во комедија и да бидеш смешен кога сè се распаѓа, има и такви моменти, а треба да имаш претстава или настап. Сепак, најдобро росположение дава туѓата насмевка што ние сме ја предизвикале. Проверено.

Дали подготвуваш нови епизоди од „Ајде да зажмуримо“?

– Не, каналот има фатено прашина. Општо тој интернет дел во последно време го избегнувам, посебно таквите кратки клипчиња или како што ги викаат рилсови. Ако снимам тоа ќе биде некоја нова епизода, но за јутјуб-каналот. Сепак периодов повеќе сум заангажиран со претставите и настапите во живо.

Што те очекува во новата театарска сезона? 

-Да, еве сега сум во подготовка на нова претстава „Разбуди се Тина’’ која што ќе се игра на фестивалот „Денови на комедијата“ во октомври за затворање на фестивалот. Станува збор за брза комедија на интриги, сигурен сум дека публиката ќе ужива во претставата. И воопшто очекувам претстави кои ќе ги спојат интересите на актерите и публиката во една заедничка симбиоза… Претстави кои ќе го почувствуваат пулсот на публиката. Таквите претстави секогаш вродуваат со успех, се надевам дека такви ќе бидат театарскава година што следува.

Сподели