Шест и пол децении Факултетот за електротехника и информациски технологии се етаблираше во водечка образовна и научно-истражувачка институција кај нас и во регионот. Денес не го славиме само 65-годишниот јубилеј, туку и нашето патување исполнето со бројни достигнувања, труд и справувања со предизвици рече проф. д-р Владимир Атанасовски, декан на ФЕИТ на одбележувањето на јубилејот.
Од 1959 година до денес, ФЕИТ се разви во стожер на образование, знаење, иновации и проекти, центар на извонредност, докажан и сигурен партнер на локалната и интернационалната индустрија, институција која создава генерации инженери и научници, додаде Атанасовски на свечената академија под мотото „65 години наставна и научна извонредност“. Беа промовирани нови 124 инженери и 56 магистри. Активностите на ФЕИТ се фокусирани на создавање инженери на новото време подготвени да го водат процесот на енергетска, зелена и дигитална транзиција, слично како што претходните генерации беа пионери во градењето на основната инфраструктура на државата.
Според Атанасовски, вложувајќи ги знаењата стекнати на ФЕИТ, македонските инженери продолжуваат да ја создаваат и унапредуваат клучната инфраструктура во земјава, како основа за развој на индустријата, стопанството и општеството во целина. Инженерите по електротехника и информациски технологии од ФЕИТ се носители на технолошката ренесанса на денешницата.
– ФЕИТ ќе продолжи да чекори на патот на извонредност во развојот на електротехниката и информациските технологии. Нашата визија за иднината е јасна: да останеме лидер во образованието и истражувањето, да го прошириме нашето влијание и да продолжиме да придонесуваме кон технолошкиот и општествениот напредок. Погледнувајќи кон иднината, уверен сум дека ќе продолжиме да го градиме патот на успехот со заеднички напори, посветеност и страст – порача Атанасовски.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова пораќа дека целта на образованието е да се образуваат кадри што ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот и со својот индивидуален успех, ќе придонесуваат за колективниот македонски успех.
– Ако не вложуваме во нивната сегашност, не можеме да вложуваме ни во нивната иднина, ниту во економската иднина на нашата земја. ФЕИТ, како членка на УКИМ, има сериозен придонес во осовременување на наставно-образовниот процес, во создавање на технолошки лидери и во јакнење на врските со македонското стопанство – рече таа.
Според ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, ФЕИТ отсекогаш бил светилник на извонредноста, место каде се негуваат на умовите, каде што се поттикнува креативноста и место каде што се поместуваат границите на можното.
– Од самото основање визијата била јасна: да се култивира (артикулира) простор каде љубопитноста се среќава со експертизата, каде што студентите се трансформираат во лидери и каде идеите еволуираат во технологијата за основање – рече Ангелова.
Факултетот може да се пофали со речиси 11.000 дипломирани инженери, 1.300 магистри и 170 доктори на науки. Во моментов има 1.500 активни студенти кои работат под менторство на 100-тина наставници и истражувачи, во 20 современо опремени и модерни лаборатории. Факултетот соработува со повеќе од 50 меѓународни универзитети и учествува во бројни европски и национални проекти. Во изминатите 65 години, ФЕИТ беше домаќин на бројни научни конференции и симпозиуми и е единствен факултет со меѓународно акредитирани студиски програми на прв циклус, согласно германското акредитациско тело за инженерски програми ASIIN. ФЕИТ со години го имплементира ISO системот за управување со квалитет. Во 2018 година е воспоставен Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ кој соработува со голем број домашни и меѓународни компании.





