Брилијантни научници: Македонката Светлана Мојсов една од тројцата добитници на светската награда „Танг“

Им оддаваме чест на тројцата брилијантни научници, д-р Хабенер, д-р Мојсов и д-р Холст кои ги поставија темелите на оваа извонредна приказна со клучните револуционерни откритија, велат од Фондацијата

Македонката Светлана Мојсов заедно со Џоел Хабенер и Јенс Јуул Холст се добитници на престижната награда Танг за биофармацевтска наука кој во азискиот свет е своевиден пандан на Нобеловата награда. Признанието се доделува на истакнатаи научници за оригинални биофармацевтски или биомедицински истражувања кои довеле до значителен напредок кон спречување, дијагностицирање и/или лекување на главните човечки болести и подобрување на здравјето на луѓето.

– Им оддаваме чест на тројцата брилијантни научници, д-р Хабенер, д-р Мојсов и д-р Холст кои ги поставија темелите на оваа извонредна приказна со клучните револуционерни откритија. Одборот за селекција признава дека долг е патот од основни откритија до терапевтски апликации и во нив се вклучени многу научници од академијата или индустријата – соопшти вчера фондацијата што ја доделува Танг наградата.

Тројцата научници се наградени за откривањето на мал пептид од 31 амино киселина, наречен GLP-1 (7-37) (пептид-1 сличен на глукагон (7-37)). Тоа е биоактивен хормон кој делува против против дијабетес и дебелина.

– Влијанието на откритијата на тројцата лауреати е огромно, бидејќи во светот има повеќе од 500 милиони пациенти со дијабетес и речиси 1 милијарда лица со дебелина. Кај дијабетес тип 2, бета-клетките на панкреасот не лачат доволно инсулин и телото не реагира правилно на инсулин, предизвикувајќи високи нивоа на шеќер во крвта што доведува до сериозни компликации на очите, стапалата, бубрезите, кардиоваскуларниот систем и други компликации. Дебелината денес се смета за едно од најважните глобални јавно здравствени проблеми бидејќи го зголемува ризикот од разни здравствени состојби и сериозни болести. Бројот на луѓе со прекумерна тежина во светот е уште поголем и се зголемува. За среќа, терапевтските средства засновани на GLP-1 неодамна станаа блокбастер лекови за лекување на дебелина и дијабетес, што веќе им користи на стотици милиони корисници со големи идни перспективи – велат од фондацијата.

Откритието е основа за производство на лекот „Оземпик“ поради кој компанијата „Ново Нордиск“ во моментот е највредна компанија во Европа, а економијата на Данска е во подем токму со неа.

Светлана Мојсов е биохемичарка од македонска народност која работи како вонреден професор-истражувач на Универзитеот „Рокфелер“ во САД. Таа се занимава со истражување на синтезата на пептиди. Мојсов го открила пептид-1 сличен на глукагон и ја објаснила неговата улога во метаболизмот на глукозата и излачувањето на инсулин. Нејзиното откритие го искористила фармацевтската компанија „Ново Нордиск“ за производство на лекови против дијабетес и дебелина.

Светлана Мојсов е ќерка на Лазар Мојсов, дипломат и државник, претседавач на Генералното собрание на Обединетите нации од 1977 до 1978. Завршила студии по физичка хемија на Природно-математичкиот факултет во Белград. Се запишала на постдипломски студии на Универзитетот „Рокфелер“ во 1972 година, каде што работела со Роберт Брус Мерифилд, добитник на Нобелова награда за хемија во 1984 за синтеза на пептиди. Поточно, Мојсов се фокусирала на синтезата на глукагон, кој се ослободува во панкреасот. Во тоа време, се претпоставувало дека глукагонот може да помогне во лекувањето на дијабетес тип 2.

Во 1980-тите, Мојсов се преселила во Општата болница во Масачусетс, каде што станала шеф на одделот за синтеза на пептиди. Таа дошла во оваа болница набргу откако Џоел Хабенер клонирал проглукагон додека испитувал видови риби од Бостонското пристаниште. Мојсов работела на идентификација на пептид-1 сличен на глукагон (GLP-1), хормон што се произведува во цревата и предизвикува ослободување на инсулин. Амино киселинската низа на GLP е слична на онаа на гастричниот инхибиторен пептид, инкретин. Во обид да идентификува дали конкретниот фрагмент е инкретин, Мојсов произвела инкретин антитело и развила метод за следење на неговото присуство. Поконкретно, таа успеала да утврди дека сегментот од 31 амино киселина во GLP-1 е инкретин. Заедно со Гордон Вир и Џоел Хабенер, Мојсов покажала дека малите количини на лабораториски синтетизиран GLP-1 може да доведе до лачење на инсулин.

Во 1990-тите, Мојсов се вратила во Њујорк на Универзитетот Рокфелер во лабораторијата на Ралф М. Стајнман, добитник на Нобелова награда за медицина во 2011 за откривање на дендритични клетки. Во 1992 година, група во Општата болница во Масачусетс тестирала GLP-1 кај луѓе. „Ново Нордиск“ развил лекови за дијабетес (Ozempic) и дебелина (Wegovy) кои го имитираат дејството на GLP-1. При тоа, дериватите на GLP синтетизирани од Мојсов биле патентирани како пептиди што може да доведат до ослободување на инсулин, но само Хабенер бил наведен како единствен автор. Мојсов покренала постапка и нејзиното име да биде вклучено во патентите. Општата болница во Масачусетс сепак се согласила да го додаде нејзиното име на четири патенти, но Мојсов добила една третина од хонорарите за лекот само за една година. Таа продолжила да се бори за признание откако нејзините соработници добиле бројни награди бидејќи новите верзии на GLP-1 беа одобрени за употреба кај луѓе и станале попопуларни.

Са нејзините научни откритија Мојсов добила многу признанија и награди. Во април годинава за нејзиното истражување за хормоналните активатори за производство на инсулин ја доби наградата „Перл Мастер Грингард“ која ја доделува Универзитетот „Рокфелер“. Истовремено беше именувана на списокот на „Тајм 100“ највлијателни луѓе за 2024 година во областа на иноватори.

Насловна фотографија / Извор: Јутјуб

Сподели