Четири дена пред почетокот на 44. сесија на Комитетот за светско наследство на која е препорачано Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО, националните комисии за УНЕСКО на Македонија и Албанија ќе одржат прва заедничка седница. Работната средбата треба да се одржи утре во Охрид, а ќе кја координираат министерките за култура на двете земји, Ирена Стефоска и Елва Маргарити, воедно и претседателки на Националните комисии за УНЕСКО.
– На седницата ќе се дискутира за Нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион“, а ќе бидат дефинирани и приоритетите и следните чекори за заедничко дејствување. Ќе биде потпишана заедничка изјава за зачувување на статусот на светско наследство на Охридскиот Регион – соопшти денеска Министерството за култура.
На седницата посветена на идната координација за заедничкото управување со Охридскиот Регион, во согласност со насоките од последниот извештај на Реактивната мисија на УНЕСКО, ќе учествуваат и нашиот министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и неговио колега од Албанија, министерот за туризам и животна средина, Бленди Клоси. Министерките Стефоска и Маргарити ќе потпишат и Програма за соработка во областа на културата меѓу двете земји за периодот од 2021 до 2026 година.
Во мај Центарот за светско наследство на УНЕСКО го објави извештајот на Реактивната комисија која го посети Охридскиот Регион лани во јануари. Во документот се посочени сите неправилности и е побарано забрзано спроведување на препораките упатени до двете земји. Комисијата повторно препорачува Охридскиот Регион да се стави на Листата на светско наследство во опасност.
Иста препорака беше дадена во 2019 година на сесијата на Комитетот за светско наследство што се одржа во Баку, Азербејџан. Во последен момент делегатите изгласаа на Охридскиот Регион да му се даде уште една шанса со оглед на тоа што (скоро сменетата) политичка гарнитура во Македонија немаше доволно време да ги спроведе препораките на експертската комисија. Крајниот рок за поместување на нештата беше февруари 2020 година.
Вкупно 1.121 локалитет од цел свет се наоѓа на Светската листа на УНЕСКО, меѓу нив и Охридскиот Регион. Бисерот на Македонија е еден од 39. локалитети во светот со двојна заштита – и како природно и како културно наследство. Од нив, само седум се наоѓаат во Европа.
На листата на УНЕСКО, 869 локалитети се заштитени како културно, а 213 предели како природно наследство. Вкупно 53 локалитети се наоѓаат на листата во опасност, а два локалитета се избришани од светската листа, бидејќи нивната извонредност на некој начин била нарушена.
Постои и листа на чекање (тентативна листа) каде одредени локалитети се номинираат за светско наследство и се во процедура да ги исполнат условите за да се најдат на репрезентативната листа.
Фото: Pixabay





