Албумот „Корени“ на виолонистот Немања Радуловиќ вечерва во 21 часот ќе биде изведен на сцената на Долни Сарај во рамките на фестивалот Охридско лето. Српско-францускиот виолинист ќе настапи со ансамблот Double Sens.
Немања Радуловиќ е роден во Србија во 1985 година, студирал на Факултетот за музичка уметност во Белград и на Високата музичка школа во Сарбрукен, на академијата „Штауфер“ во Кремона во класата на Салваторе Акарда и на Конзерваториумот во Париз во класата на Патрис Фонтанароса. Добтиник е на многу наградаи, а настапувал со водечките светски оркестри и диригенти вклучувајќи ја Лондонската филхармонија, оркестрите во Минхен, Берлин, Дрезден, Хановер, Келн, Кралската филхармонија во Ливерпул, Токио Симфони, Симфонискиот оркестар на Монтреал, националните оркестри во Лил и во Шпанија, Холандската Радио филхармонија и многу други.
За албумот „Корени“ кој Радуловиќ и Double Sens го промовираат на голема балканска турнеја, тој вели:
– Овој проект за мене е многу интересен и е создаден за време на пандемискиот „локдаун“ кога многу слушав музика, главно Моцарт и world music и тоа всушност ме враќаше во живот. За време на пандемијата имав можност длабоко да размислувам за музиката денес, но и за музиката во минатото и иднината. Слушав музика од различни стилови, и почнав да ја развивам идејата за овој проект кој е исчекор за мене како музичар – вели тој.
Ансамблот Double Sens е основан во 2008 година кога Радуловиќ ги собра на едно место неговите омилени француски и српски музичари да настапат заедно како камерен оркестар. Заедно имаат снимено четири албуми: „Пет сезони“ (2011), „Патување на исток“ (2015) како и Рококо варијациите од Чајковски во оригиналниот аранжман за виола (2017) и последниот „Баика“ (2018) на кој се заедно во изведбата на „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков. Во 2022 година Радуловиќ и Double Sens го снимаат првиот заеднички албум „Корени“ за издавачката куќа „Ворнер“. Тој содржи аранжмани на традиционална и модерна музика во еден вид музичко патешествие околу светот.





