19 уметници од земјава и странство творат на колонијата „Марко Цепенков-Дрен“

19-мина уметници од земјава и странство од вчера се инспирираат во Прилеп и создаваат свои дела во рамките на меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков-Дрен“ на летната сцена на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Учествуваат: Павлина Копано, Стефан Анчевски, Александра Димитрова, Славица Танеска, Тони Чатлески, Филип Перески, Маја Ралева Миладиновски, Дамјан Ѓуров, Елена Ѓуров, Филип Јовески и други.

И годинава уметниците ќе работат на слободна тема во повеќе дисциплини – скулптура, инсталација, сликарство, користејќи различни материјали, дрво, метал, прилепски мермер, односно природни материјали за уметниците што ќе изработуваат инсталација, како и акрил на платно, вели Марјан Стојаноски од ликовната дејност на Центарот.

– Очекуваме годинава да се создадат 40-ина нови уметнички дела, кои ќе бидат дел од богатата збирка на Центарот. Колонијата започна како сликарска, а од 2021 година колонијата почнува со работа во скулпторски медиуми (метал, дрво, мермер…) со што се додава дополнителен квалитет на колонијата и се става акцент на работата во различни медиуми. Создадените дела на годинашната колонија ќе бидат презентирани на изложба во Центарот, а претставување ќе има и во повеќе градови низ Македонија – вели Стојаноски.

Колонијата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура.

Сподели