Учениците се запознаа со првите чекори во креирањето на филмската сторија, вели менторката, реѓисерката Марија Џиџева
Десетина средношколци учествуваат на едукативниот проект „Филмска училница“ на Кинотека на Македонија, каде викеднов се одржа првата сесија од втората сезона. Проектот е поддржан од Министерството за култура и се состои од различни едукативни содржини, тематски групирани во десет училници. Преку интерактивно-креативно учење учениците ќе се запознаат со националното аудио-визуелно културно наследство, ќе имаат можност да гледаат филмови од архивот на Кинотека, ќе учат како да размислуваат за едно филмско дело, ќе добијат основни познавања од филмската историја и од филмскиот јазик и ќе имаат можност да креираат кратки филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.
Со „Филмска училница“ раководи филмската и телевизиска режисерка Марија Џиџева, а во реализацијата учествуваат и филмолозите од Кинотеката, Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Илија Павлов и други. Предвидено е да се одржат и неколку работилници со филмски доајени и со автори од помладата генерација.

Марија Џиџева
Првата сесија започна со запознавање на учениците и нивната менторка Џиџева. Учесниците се претставија преку нивните видео автопортрети. Тие ги гледаа и анализираа кратките класични филмови од црно-белата нема ера на браќата Лимиер „Излегувањето на работниците од фабриката“ и „Пристигнувањето на возот во станицата“, и „Баба Деспина“ на браќата Манаки.
– Учениците се запознаа со првите чекори во креирањето на филмската сторија. Споменатите едноминутни дела се состојат од по еден кадар, во кој се опсервира некое дејство, па учесниците за следната сесија имаа домашна работа – видео материјал снимен со мобилен телефон во еден кадар во кој опсервираат нешто што им привлекло внимание – објаснува Џиџева.
По креативните разговори за раѓањето и развивањето на една филмска сторија, тие го одгледаа и филмот „Човек со камера“ на Ѕига Вертов, класикот на немата ера од руската (советска) монтажна школа од почетокот на 20-те години на минатиот век, кога и, всушноист, се форматира филмот како уметност на подвижните слики. Учениците ќе се запознаат и со работата на Кинотеката, со различните дејности, како реставрација, дигитализација, филмско архивирање, филмска есеистика и критика, киноприкажување.
– Идејата на „Филмска училница“ е на учениците да им ги приближиме и другите сегменти и професии што се поврзани со филмот, посебно во делот на заштитата на нематеријалното аудио-визуелно културно наследство и финесите на филмологијата, работата со филмска лента, реставрација и дигитализација на филмови – велат од Кинотека.

Проектот ќе се одвива секоја сабота во Кинотека и ќе трае 10 недели. Заради интересот за учество на ученици од другите градови во Македонија постои идеја да бидат реализирани две паралелни филмски училници за нив. За годинава се планира и почеток на нов проект – „Филмска училница за наставници и професори“, па една една од сесиите ќе им биде посветена ним. Планирана е и заедничка сесија на „Филмска училница“ со учениците и професорите во која филмот ќе биде разгледуван како уметност и како алатка во реализирањето на наставните содржини.
– Филмската едукација за млади е дел и од активностите на Кинотека, која е секогаш отворена за сите и постојано се случуваат различни филмски работилници, филмска програма за деца и за ученици – велат организаторите.





