150 години од раѓањето на последниот зограф и првиот портретист во Македонија

„Портретот на Јаков Зографски“, таткото на Ѓорѓи Зографски, од 1895 година, е најрано сигнирана и датирана творба

Педесетина икони и слики од сите творечки фази на Ѓорѓи Зографски задутревечер во 19 часот ќе бидат претставени на јубилејната изложба „Ѓорѓи Зографски (1871-1945), 150 години од раѓање“ во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Експонатите се дел од колекциите на Националната галерија на Македонија, Народниот музеј во Велес, црквите „Св. Пантелејмон“, „Св. Спас“, „Св. Димитрија“ и „Успение Богородичино“ во Велес, семејството Зографски и голем дел приватни сопственици. Куратори на изложбата се Славица Алексоска и Маја Неделкоска-Брзанова од Националната галерија.

Ѓорѓи Зографски

Според нив, меѓу зографите сликари што имаат значаен придонес за развојот на македонската ликовна уметност во втората половина на 19. и почетокот на 20. век е Ѓорѓи Зографски, последниот зограф од семејството Рензовци. Заедно со Димитар Андонов Папрадишки за прв пат кон крајот на 19. век го направил историскиот пресврт поврзувајќи ги двете епохи во македонското сликарство: последните нишки во религиозното сликарство со првите обиди за сликање профани теми.

– Тоа е период обележан со напуштање на поствизантискиот иконопис и живопис во интерес на скромната појава на модернизмот во македонското сликарство. Во 19. век во светот се случува преродба – прогрес на човечката цивилизација во сите сегменти на нејзиното живеење. Ваквите промени се случувале и на македонска почва, но со оглед на познатата општествено-политичка состојба во која се наоѓала државата во овој период, позитивните промени се движеле забавено. Во македонската ликовна уметност продолжува поствизантиската традиција на сликање иконопис и живопис по нарачка на црквата и на младиот граѓански слој, така што сликањето елементи и мотиви со профана содржина, сè до 80-тите години на 19. век се остварува во рамките на религиозното сликарство – објаснуваат кураторите.

Во целокупната творечка активност на Ѓорги Зографски, црковното сликарство, особено иконописот е негова главна преокупација во која се наоѓал себеси, а истовремено наоѓал и сигурен извор за егзистенција на неговото семејство. Неговата зографска активност започнала во тајфата на неговиот татко Јаков, во која заедно со необразовани и самоуки зографи сликал во духот на конзервативниот и конвенционалниот традиционализам користејќи ја семејната Ерминија, наследена од неговите претходници. На почетокот работел под влијание на византиското и поствизантиското сликарство. Главни примери му биле иконописот и живописот во македонските цркви и манастири, а посебно влијание врз неговото творештвото имале Дичо Зограф и Димитар Андонов Папрадишки.

– Престојот на Зографски во Петроград и Москва во 1887 година е од пресудно значење за неговиот развоен пат во животот и творештвото. Својата необразованост тој ја надоместува преку контактите со тамошните академски сликари и изразената реакција против застарените гледања на уметноста, особено при неговиот престој во Софија, каде што настануваат коренити промени во сликарството под влијание на академски образованите сликари, кои позитивно дејствувале врз конечната определба на Зографски кон обработката на теми со профана содржина – велат кураторите.

Портретот, како сликарски жанр кој го негувал Зографски нема да остане само привилегија на политичарите и богатите, туку ќе се демократизира и меѓу занаетчиите, трговците и свештениците. „Портретот на Јаков Зографски“ (таткото на авторот), од 1895 година, е најрано сигнирана и датирана творба.
– Емотивно мотивиран кон портретирање на неговиот татко, Зографски со посебно внимание го предава свенатото и уморено лице на неговиот татко. Побелената коса, ситните очи и свенатите образи ја објективизираат оваа состојба – велат кураторите.

Еден од првите портрети што Зографски го насликал во 1894 година е „Женскиот портрет“, каде грижливо и педантно е изведена пластичноста на лицето, со маслинести тонови, освежени со руменило. Целото внимание Зографски го посветил на обработката на главата: мека коса, крупни очи, правилни веѓи и чисто лице. Тој насликал уште педесеттина портрети на свои блиски како и портрети на видни личности од Македонија и Србија. Неговото сликарство, освен портрети, опфаќа историски композиции, пејзажи и мртва природа.
Изложбата во Чифте амам ќе биде отворена до 26 ноември.

Сподели