„Македоника литера“ од Скопје го објави второто издание на романот „Суво мастило“ од писателот Владимир Илиевски. Романот беше финалист за наградата „Роман на годината“ во 2021 година, а овој месец е книга на месецот на Градската библиотека „Браќа Миладиноци“.
Романот е посветен на Едуард Пенкала, пронаоѓачот на пенкалото и на уште многу други пронајдоци. Дејството на романот го опфаќа бурниот период на преминот меѓу 19 и 20 век и се одвива во неколку средини во Европа (Битола, Дрезден, Загреб, Софија…). Животните патишта на хрватскиот инженер и пронаоѓач и на македонски чорбаџиски син, студент по музика во Дрезден, се сечат во временски, просторни и судбински точки. Тие точки отвораат моќни егзистенцијални прашалници кои не се поврзани само со времето и просторот, туку се и универзални.
Авторот вешто ја користи историјата како моќна, објективна и вистинита книжевна подлога, а истовремено гради субјективен книжевен однос и перцепција кон таа вистинитост. Главниот лик, односно еден од трите главни лика во романот е хрватскиот пронаоѓач Едуард Пенкала, кој патентирал околу 80 пронајдоци, меѓу кои и хемискиот молив, наречен по него – пенкало.





