„Војдан Чернодрински“ од 1 до 8 октомври, наградени Емил Рубен, Борис Чоревски и Крсте С. Џидров

Актерите Емил Рубен и Борис Чоревски и сценографот Крсте С. Џидров се годинашни добитници на наградата за животно дело на 55. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој ќе се одржи од 1 до 8 октомври во Прилеп. Фестивалот се одржува по едногодишна пауза поради пандемијата на ковид-19. „Војдан Чернодрински“ се отвора на 1 октомври во Центарот за култура „Марко Цепенков“ со доделувањето на наградите за животно дело и со првата претстава во конкуренцијата за награди, „Мој термин“ на Македонскиот народен театар, во режија на Синиша Евтимов.

На 2 октомври ќе биде промовирана книгата на Тена Штивичиќ „Невидливите“, а на програмата се уште две претстави во конкуренција: „Вечера за глупаци“ од Францис Вебер во режија на Ирена Стеријовска, а во продукција на Театар Комедија од Скопје и „Глембаеви“ од Мирослав Крлежа во режија на Бранко Брезовец на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

На 3 октомври на репертоарот се претставите на Кумановскиот театар „Вообразен болен“ од Молиер во режија на Драгана Гунин и на Драмски театар од Скопје „Мојот маж“ од Румена Бужаровска во режија на Нела Витошевиќ.

На 4 октомври фестивалот отвора трибина на тема „Театарот во ковид-19. Проблеми и решенија“. Модератор ќе биде Катарина Коцевска-Хаџи Василева, а на репертоарот се уште две претстави. Албанскиот театар од Скопје ќе ја изведе „Мурлин Мурло“ од Николај Кољада во режија на Кристина Димитрова, а во Центарот за култура, Велешкиот народен театар ќе се претстави со „Херои 04:33“ од Сашо Димоски во режија на Деан Дамјановски.

На 5 октомври доаѓа Тетовскиот театар со претставата „Страст и алчност“ од Јуџин О’ Нил во режија на Фитим Селими, како и Штипскиот театар со претставата „Едип коментари“ според мотиви од Едип на Софокле во режија на Драгана Милошевски-Попова.

На 6 октомври ќе има промоција на книгата „Горан во Драмски“ и уште две претстави во конкуренција: Турски театар од Скопје ќе ја изведе „Славната Флоренс“ во режија на Драгана Милошевска-Попова, а потоа е претставата на Охридскиот театар – „Крик за љубов“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски.

Последниот фестивалски ден на 7 октомври ќе донесе три претстави. Театарот за деца и младинци од Скопје ќе ја изведе „Едвард раце ножици“ во режија на нела Витошевиќ, потоа е претставата на Битолскиот театар „И коњите ги убиваат, зар не?“ во режија на Мартин Кочовски и последната репертоарска претстава е на Факултетот за драмски уметности „Мурлин Мурло“ – дипломска претстава на студентите од отсекот Драмски актери кај професорите Сузана Киранџиска и на Кристина Леловац.

На 8 октомври жирито во состав Ѕвездана Ангеловска, актер и режисер, Бајруш Мјаку, актер и Александар Милосављевиќ, театролог од Србија ќе ги соопшти најдобрите остварувања на јубилејното издание.

Сподели