Изложбата „Политичка лиричност“ на уметникот Перо Кованцалиев е отворена во галеријата на Амамот во Гевгелија. Таа е составена од повеќе апстрактни цртежи на хартија, изработени со чад и еден зачаден стаклен објект со отисоци од дланки.

Тие се создадени како чин на фаќање односно фиксирање на најситните честици од материјата пред да постанат дел од микросветот – свет кој не е лесно видлив, но е од огромно значење за секој жив организам.

Овие честици се производ од согорување на текстилен отпад. Отпадот денес претставува сериозен проблем не само локално, туку и глобално по живиот свет. Наоѓањето решенија претставува сериозен предизвик, пред кој секој треба да биде исправен, особено лицата кои управуваат со надлежните институци.

Наместо политичка одлучност, решителност и создавање долгрочни стратегии  за намалување на штетните емисии во воздухот, како и селекција, реупотреба, рециклирање на продуктите кои веќе сме ги употребиле ние живееме во една лирична средина оптоварена со празни ветувања. Реторика со лирски елементи, изразувајќи мисли и чувства на лицата кои се надлежни и управуваат со животната средина, вели Кованцалиев.

– Со овие дела се обидувам да ја вратам лиричноста во уметноста, каде што вистински припаѓа. Уметноста е местото каде лириката се развива, ги унапредува своите форми и создава нови содржини. Додека пак политиката да ги користи институционалните механизми  за  да  создадат реалност од која не сакаме да избегаме – вели авторот.

Кованцалиев досега има реализирано девет самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни. 2006 Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, оддел вајарство.

Фотографии: Димитар Новаков

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.