Во Струга за 62 години се преклопиле стапките на стотици светски поети

Ако само за миг замислиме, дека е можно овде, во една ваква августовска вечер, одеднаш да бидат присутни сите што доаѓале на Струшките вечери на поезијата, сигурно дека би добиле население колку за уште една Струга, рече синоќа поетот Милован Стефановски и ја испрати поетската порака на отворањето на 62. издание на фестивалот.

Милован Стефановски

– Би добиле неверојатно преклопување на стапките по тротоарите и патеките од двете страни на Дрим на многу познати и признати светски поетски имиња и стожерни великани – Рафаел Алберти, Лу Јуан, Андреј Вознесенски, Ежен Гилвик. Нивните стапки се преклопуваат со стапките на нашите македонски поетски гордости, Блаже Конески, Ацо Шопов, Матеја Матевски, Анте Поповски, но и на поетските перјаници на блиските соседни народи, Десанка Максимовиќ, Фатос Арапи, Љубомир Левчев, Јанис Рицос. Тоа е една само навидум невидлива, но живо присутна мрежа со поетска плетка што ја варди Струга и во исто време во нераскинлива традиција ги поврзува поетите со сите вљубеници и поклоници на убавиот поетски збор. Таа поетска плетка како во огледало има одраз на ѕвезденото небо над Струга – истакна Стефановски.

Џијан Емин

Со музички перформанс во изведба на музичарот Џијан Емин, традиционалното палење на поетскиот оган и спектакуларен огномет синоќа беше отворен поетскиот фестивал на платото пред Домот за култура „Браќа Миладиновци“ во присуство на бројни странски и домашни поети, владини претставници и љубители на пишаниот збор.

Добредојде им посака министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска цитирајќи го лауреатот Влада Урошевиќ, дека можеби поезијата нема да го спаси светот, но е убаво додека ја има.

Бисера Костадиновска-Стојчевска

– Ехото на Миладиновци е присутно и денес. И од година во година е сè погласно. Продолжи тоа ехо благодарение и на Струшките вечери на поезијата, создадени по промислата на величествените македонски современи автори чија визија нè крепи и по децении од нивното заминување. „Ние си одиме, а земјата останува“ – напиша чувствотворниот Блаже Конески и со својата скромност не допиша дека и делата остануваат – истакна Костадиновска-Стојчевска.

Џијан Емин ја изведе нумерата King Of Sopiste, додека девојките од балетското студио БАХ го запалија традиционалниот оган. Вечерта продолжи со поетското читање Меридијани, на кое настапија повеќемина автори од земјава и од странство. Во следните фестивалски денови на СВП ќе можат да се чујат околу 25 поети од странство и 40-тина од државата.

Манифестацијата, која ќе трае до 28 август, се одржува под мотото „Чувствотворен јазик“. Поетите денеска ќе го посетат манастирскиот комплекс во Калишта, каде што ќе се одржат повеќе читања, а во текот на денот ќе бидат промовирани и неколку поети од „Версополис“, како и антологијата „Меѓу дрвјата (флората и фауната)“ и Антологијата на најмладата македонска поезија. Ќе бидат презентирани и портретите на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“.

Фото: СВП

Сподели