Преку е-услуги автоматски ќе биде оневозможено да се конкурира со повеќе проекти од утврдените во правилата на Конкурсот, посочи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска
В понеделник во 8 часот наутро ќе биде отворен системот за електронско аплицирање на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за идната година, соопшти министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на вчерашната прес-конференција. Аплицирањето е на uslugi.gov.mk и ќе трае еден месец – 17 ноември во 16 часот кога ќе биде затворен системот. Апликантите годинава првпат по електронски пат ќе ги добијат решенијата дали нивните проекто се прифатени, одбиени или отфрлени проекти.
Според Костадиновска-Стојчевска, искуствата од аплицирањето во минатата година кога за првпат беше спроведено по електронски пат покажале дека е подобро проектитет да бидат пријавени преку националниот портал е-услуги, а не преку веб-страницата на Министерството за култура.
– Така дополнително ќе ја поедноставиме процедурата, на апликантите да им заштедиме и време и средства за неопходните документи кои сега директно ќе можат да ги преземаат и да ги прикачуваат, како што се, на пример: уверение за државјанство, увид во тековна состојба и слично – рече Костадиновска-Стојчевска.
Корисните може да ги најдат техничките упатства и поддршката при регистрирањето на веб-страницата на uslugi.gov.mk и преку контакт-центарот на националниот портал.
Според Костадиновска-Стојчевска, придобивките од новиот начин на аплицирање го крати и времето за евалуација на поднесените пријави, а се избегнауваат и можностите за злоупотреба – менување или дополна на пријавите.
– Преку е-услуги автоматски ќе биде оневозможено да се конкурира со повеќе проекти од утврдените во правилата на Конкурсот. Ги замолувам корисниците да обрнат внимание на општите услови и на условите за аплицирање во секоја дејност одделно. Особено во делот кај условите, со колку проекти може да се конкурира по дејност бидејќи системот автоматски нема да дозволи физичко или правно лице да аплицира во повеќе дејности од пропишаните – нагласи Костадиновска-Стојчевска.
Помош во делот за пријавите корисниците и натаму ќе можат да побараат од секторите во Министерството за култура. Контактите со конкретни лица по области и нивните е-адреси ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за култура.





