На тридневната конференција што се одржува во Охрид, ќе учествуваат 120 википедијанци од 25 земји од Централна и Источна Европа
„Википедија“ и слични проекти што припаѓаат на „Викимедија“ ќе бидат во фокусот на конференијата што од утре до 16 октомври во хотелот „Метропол“ ќе се одржи во Охрид. По 11. пат википедијанци од Централна и од Источна Европа ќе работат заедно на подобрување на виртуелната енциклопедија. Под мотото „Повторно заедно“, денеска ќе биде организиран Ден за учењето, каде ќе се дискутира за креативноста, влијанието на можните и присутни конфликти и стратегијата на работа на Википедијанците од Европа.
Ќе учествуваат повеќе од 120 учесници од 25 земји од Централна и Источна Европа. Настанот ќе го отвори градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков а ќе зборуваат и организаторите од Македонија, Снежана Штрковска, Кирил Симеоновски и Николче Стојановски.

Снежана Штрковска
– Овој настан се пријавивме да го правиме за прв пат, за да покажеме пред другите европски википедијанци дека можеме. Секогаш на други места се одржуваат, да им ги покажеме убавините на Македонија на странците, затоа и во Охрид го правиме да видат повеќе, да ги претставиме нашите бројни проекти на ГЛАМ и едноставно да станеме видливи во целиот тој свет на „Википедија“ – објаснува Штрковска.
Трите дена ќе бидат посветени на разните структури во пишувањето на статии, текстови, а секако за нас најважниот дел, збогатување на Википедијата на македонски јазик, со што нашиот македонски јазик е присутен насекаде. Вклучувањето на што поголем број креатори на содржини на македонски јазик ќе ја зголеми присутноста во целиот свет – велат организаторите.
Гостите ќе имаат и организирана тура низ преубавиот Охрид и посета на сите позначајни македонски паметници од различни времиња.
Интересот за пишување на Википедија е променлив, т.е. зависи од многу нешта на пример се случува во еден миг да има огромна заинтересираност а по извесно време да спласне, вели Штрковска, која е оснвач на ГЛАМ Македонија.
– Сметаме дека треба повеќе професори, новинари, уметници да се ангажираат за пишување статии за „Википедија“ за да се збогати фондот и да имаме поголем број посети на нашата википедија на македонски јазик. Да, младите се сè позаинтересирани. Веќе сме во период кога повеќе млади отколку повозрасни пишуваат за „Википедија“ на македонски – вели Штрковска.
Таа појаснува дека сите што се бават со оваа дејност се испраени пред предизвици.
– Немаме доволно волонтери кога треба нешто да организираме. Волонтерската работа кај нас за разлика од другите земји никако да за живее во полна пареа. Друго е многу присутен вандализмот во веќе напишаните статии и нови, и затоа будно треба да следиме што се пишува и како кој објавува затоа што имаме многу упади кои негативно се одразуваат. Тоа се двата најголеми предизвика – објансуваат од Википедија.
Секогаш е интересно да се увиди трендот и кој термин се бара најмногу посетуваени термини. Неодамна, објаснува Штрковска најпосетувано име било Лепа Брена, што ги изненадило.





