„Јазикот се кове во ковачницата на преведувањето“. Со овој цитат од Блаже Конески, проф. д-р Владимир Мартиновски, универзитетски професор и амбасадор на наградата „Вавилон“ за 2022 година синоќа го почна разговорот во просториите на Europe House Скопје. Со него разговараше новинарката Сребра Ѓорѓијевска, една од основачите на порталот Умно.мк.
Во фокус на разговорот беше преведувачката дејност и можноста која за младите преведувачи ја нуди наградата „Вавилон“. Востановена во 2013 година, наградата е наменета за преведувачи до 26 години.
– Целна група се сите студенти на филолошки науки, но и средношколци на кои предизвик им е едно дело да се приопшти на мајчин јазик. Досега имаше 12 добитници на наградата, не мора да има еден првонаграден. „Вавилон“ катапулт за преведувачи. Главната цел не е еднократно да се награди нечиј превод. Со тоа што преведеното дело прво го верификува двојазична, а потоа еднојазична комисија, овие млади преведувачи веќе поминуваат сериозен филтер во преведувачката дејност – рече Мартиновски.
Тој зборуваше за состојбата со преводите во земјава, за неговите искуства и како преведувач и како автор. Мартиновски ја најави и работилницата за наградата „Вавилон“ која ќе се одржи денеска. Крајниот рок за повикот истекува на 4 април, а тој ги посоветува сите што планираат да се пријават:
– Не чекајте го крајниот рок. Времето е кусо, не одложувајте, пријавете се веднаш.





