Мојата религиозност се состои во верувањето, во човекот, во неговата светлина – постојано го бранам од темнината, вели уметникот и професор Владимир Георгиевски (1942-2017) во интервјуто објавено во весникот „Дневник“ во декември 2008 година
Чезнееше да „поживее уште малку“ и да презентира сопствена црква, како уметничко дело на неговото религиозно искуство. Сепак, никогаш немал намера да создава религиозни дела, според догми и закони, онакви какви што бара Црквата. Својата религиозност ја наоѓаше верувајќи во човекот, во неговата светлина.
Ден пред Велигден, скоро пет години по неговото упокојување, го пренесуваме интервјуто со уметникот и професор Владимир Георгиевски (1942-2017) направено во неговото ателје на Архитектонскиот факултет во Скопје, објавено во весникот „Дневник“ во декември 2008 година. И по 14 години, зборовите се толку свежи, како да ги кажал вчера. Барајќи го човекот, Георгиевски го создаде делото со симболичен наслов „Ецце хомо“ и уште една концепција која ја нарече „Св. Ѓорѓи ја убива ламјата“. Тој зборуваше за човекот, за ламјата, за овоземскиот и небескиот живот, за сеќавањата…

Владимир Георгиевски / Извор на фотографија: Јутјуб
– Сеќавањата кај мене се честопати модел според кој сликам. На мигови мислам дека одредени спомени, настани кои ми позираат во ателјето се толку живи, што патувам низ времето постојано, напред и назад, се движам со брзина која на мигови и мене ме запрепастува. Без сеќавањата не може да се сочува детето во нас. А, без детето во сликарот, тешко може да напредува, кон себеси, внатре, навнатре.
Како автор, препознатлив сте по религиозните теми што ги обработувате. Таа тема се провлекува во делата дури и кога сликате пејзаж…
– Библијата постојано им ја препорачувам на моите студенти. Тоа е жива книга која само ми помага да направам одредени, за мене мошне возбудливи, живи аналогии на она што го живеам сега и она што е запишано во таа книга. Немам намера да правам некакво религиозно сликарство. Не, онакво какво што го бара и поддржува Црквата. Напротив. Мојата религиозност се состои во верувањето, во човекот, во неговата светлина. Постојано го бранам од темнината. Иако моите распетија се поприлично драматични, сакам она што е светло во нив да го покажам на виделина.

„Св. Ѓорѓи на убива ламјата“
Својата последна изложба ја нарековте „Св. Ѓорѓи ја убива ламјата“. Кого всушност убива св. Ѓорѓи?
– Тој постојано ќе ги убива сите оние страни на човековото живеење кои водат кон површност, кон темнина, кои го прогласуваат материјалниот знак како единствена можна среќа. Мојот св. Ѓорѓи е насочен кон мојата ламја која е човеколика. Зад нејзината човеколикост стојат сите особини кои денеска на чудесен начин го дефинираат нашево време како неповторливо, единствено и модерно. Мојот св. Ѓорѓи ќе ги убива сите страсти во човекот кои го водат до потполно затемнување на умот, до потполна дезориентација во самиот себеси, во просторот во кој живее. Тој ќе ја убива ламјата која во оваа наша предолга транзиција ги исфрли од човека сите оние искрени, вистински доживувања кон убавото.
На која убавина мислите?
– Денес е веројатно убаво човек материјално да биде на некаква висина. Сигурно е убава моќта да се поседува, да се владее. Мојот св. Ѓорѓи е загледан точно во тие човекови особености кои денеска се развиени до максимум. Св. Ѓорѓи што јас го сликам и ламјата наспроти него е битка помеѓу она што е величенствено во човека, што е непоробливо. Тоа е неговата слобода, неговата личност. Од другата страна стои она што е биологија, индивидуа, нешто што е минливо. Можеме ли совршеното, ние несовршените битија на оваа земја, да го одбраниме она што е соврешено во нас? Не знам дали оваа битка ќе даде одговор на ова прашање. Веројатно дека во некоја друга варијанта ќе се потрудам и тоа да го осветлам.

„Влегување во Ерусалим“
Дали како уметник и како човек се чувствувате вистински слободен?
– Кога стојам пред платното, во ателјето, полн со некакви визии во себе, навистина чувствувам слобода. Тоа е слобода која ме обврзува затоа што сакам мојата слика да има и драма и поезија, да има музика, сакам да има приказна. Не бегам од тие „класични“ особености на сликарството. Се чувствувам безгранично слободен кога ги решавам тие проблеми на мојата слика. Но, кога тоа ќе го покажам надвор, според начинот на мислењето, на однесувањето и пишувањето, тогаш таа слобода честопати била погрешно протолкувана и разбрана. Да се биде слободен сега, во овој миг, кај нас, значи извондредно прецизно да се мисли, да се доживува. Обврзан од таа прецизност на мислењето, од таа бледа сила на разумот, не се осети бескрајноста во мене. Да се мисли значи слобода, но и да се допре таа бескрајност која постои во секој од нас.

„Патот до Голгота“
А кога ќе излезете на улица?
– Силно внимавам на тоа што се случува околу мене. Настојувам да прецепирам низ какви состојби и ситуации се движам. Имам чувство дека оваа слобода за која јас говорам ако се покаже надвор на улица, тоа би било протолкувано како лудило, не и како особеност која еден човек ја носи во себе. Да не заборавиме – слободата е најголемиот идеал на личноста. Нема поголем идеал од слободата. Човековата личност единствено е слободна оној миг кога ќе биде изградена, а таа се гради од раѓањето, сè до заминувањето од овој свет.
Ја изградивте ли својата сопствена, интимна црква или сè уште градите?
– Еден дел кој прецизно го гледам е патот кој води кон таа моја внатрешна црква. Мислам дека е точно одбележан. Но, мислам дека градбата сè уште не е завршена. Уште морам да работам, бидејќи со секоја слика која ја внесувам во нејзе, постојано чувствувам дека сум на почеток. Постојано чувствувам дека уште многу работи што го сочинуваат човековиот живот, однадвор одвнатре, не умеам да ги насликам.

Quo vadis Domine
Зошто?
– Затоа што верувам дека човекот е најголемата тајна. Би го цитирал отецот Зосима, оној сјаен монах од „Браќа Карамазови“ кој вели: „Кога Господ ја садеше својата градина на земјата, тој зема разно-разни семиња, ги засади и од секое семе изникна тоа што тој го засади. Но, кога го засади човекот тој зема семе за човекот, но, и семиња од некои други светови, за нас непознати, ги вглави во човекот и тој израсна“. Точно тие семиња од тие за нас непознати светови остануваат да се одгонетнат. Остануваат голем предизвик, голема тајна. Јас верувам дека вреди пред храмот, пред олтарот на именката човек да се положи севкупното дело на еден творец.
Каде го гледате местото на творецот? Дали е сè уште на маргините на ова општество?
– Да, вистинскиот творец секојпат бил на маргините на општеството, иако тоа постојано проповеда дека води грижа за творецот. Но, творецот по својата природа, по својата драма што ја носи во себе, е на маргините ако гледаме од аголот од кој посматраат институциите на општетството. Но, тој е во центарот на настаните кога уметникот делува како творец. Тој не може да делува надвор од своето општество затоа што неговите модели, бои, искричавост излегуваат од тоа што авторот најнепосредно го доживува и гледа. Дека творецот е на маргините на нашето живеење денес, овде, кај нас, мислам дека е точно. Сите институции кои се задолжени тој процес да го следат одвнатре, го следат однадвор. Уште многу мора да научиме како да се однесуваме кон вистинксиот творец. Уште многу работи нè чекаат, треба да ги научиме, да ги совладаме за да видиме кој е вистинскиот однос кон творецот. Зашто еден ден тој си заминува и потем го нема. За среќа, останува неговото дело, а ќе дојдат генерации кои веројатно ќе го променат односот кон него.
Дали секое претставување на македонската уметност заслужено го носи предзнакот национална?
– Предзнакот национален уметник е голема чест и големо создавање. Што значи да се биде „национален“? Тоа значи низ културата на сопствениот народ, низ неговата традиција, обичаи, верувања, човек да се обраќа кон целиот свет. Пикасо е шпански сликар. Тој живееше во Париз, но почина како шпански сликар. Таа негова национална особеност се огледуваше и во линијата и во бојата и во начинот како ги доживува работите. Така тој се обраќаше на целиот свет. Тој никогаш не стана француски уметник. Пикасо ја наслика „Герника“ како Шпанец и како Шпанец крикна над несреќата на тој град и сè што му се случи. Кај нас, за жал, предзнакот национален е погрешно разбран и сфатен.

„Распетие“
Нема критериум според кој ќе се пронајде вистинскиот национален предзнак во нашата севкупна уметност. Одвојувањето или подвлекувањето на националниот предзнак во контескт на процесите што се случуваат на светската визуелна сцена е само кокетирање со тој предзнак. Нашата инсталација по ништо не се разликува од инсталацијата на еден француски или американски современ уметник. Приодот, заложбата, естетиката се исти. И глобализацијата го направи своето. Националното го приграби за себе и го покажува како духовна карта на она што се случува на светската ликовна сцена како некаков миг, новина, новост. Да се биде шокантен, по секоја цена достелив, екстремен, „неповторлив“ во моментот кога се создава тоа што се создава е цел кон која се движат тие нови, современи, т.н. визуелни доживувања и зафати. И нашата визуелна уметност страда од нешто што го позајмува. Можеби тие се несвесни за тоа, но постојано го позајмуваат и промовираат како сопствена изразна моќ. Уште си дозволуваат себе си да го наречат „национално“.
Како го коментирате односот на институциите?
– Несреќата да биде поголема, тоа го поддржуваат и институциите кои се задолжени да ја промовираат и насекаде низ светот да ја претставуваат националната уметност на Македонија. Институциите застануват зад тие со нерасчистен критериум што е вистинско уметничко дело. Меѓутоа, длабоко сум уверен дека она што е изворно, што по својата бит што му припаѓа на овој простор и на душата на овој човек, роден овде, во Македонија, доколку добие свој облик, своја форма, боја, свој распоред, композиција, цртеж, тоа во истиот миг ќе се обрати до сите луѓе на овој свет. Како убавина ќе им припадне на сите луѓе. Исто како Пикасо. Неговата убавина не е само на Шпанците, туку и моја и ваша, убавина на секој човек кој умее да го гледа тоа.
Како ја оценувате ликовната сцена во Македонија?
– Бледа затоа што не содржи критериуми според кои некој човек ќе добие простор да излага некаде. Едноставно се прават изложби кои честопати се недоволно мотивирани дури од самиот автор, а камоли од институциите кои ги застапуваат. Со изложбите се пополнуваат многу програми, запишани или зацртани некаде. Со нив се трошат пари, нив ги покрива Министерството за култура или се бараат спонзори. Но, тоа се изложби кои немаат ехо, немаат никаква сила во себе, да кажат, да покажат или да апострофираат одредена состојба во која се наоѓа нашиот човек.
Кога го изгубивме вистинскиот однос кон убавите нешта?
– Пред сè настојувањето да бидеме исти како другите, да бидеме рамноправни со сè она што се случува во светот, во Европа. Заборавивме на сопственото битие, на сопствената личност. Заборавивме дека ние располагаме со огромно духовно богатство, кое ни оддалеку не сме го чепнале, не сме го искористиле, не сме се загледале во него. Ние можеме бојата да ја учиме според спектарот, но, не ја учиме според бојата од нашите килими, черги, од нашите носии. Ние имаме носии на кои лежат вистински слики, дрвени применети кои се вистински скулптури. Но, никој таму не се загледува, веројатно мислејќи дека тоа е поминато, надминато.

„Воскресение“
Банкарскиот чиновник, величествениот Гоген замина на Тахити и ги користеше тамошните симболи. Ние не учиме, едноставно, не сакаме да учиме повеќе. И тоа помага да се губиме. Не сакаме да признаеме дека за да се направи една слика, скулптура, да се проектира една куќа, треба да се знаат многу работи. Тоа не може да биде само плод на моментна инспирација. Напротив, мора да се истражува, човек постојано да се сомнева во тоа што го прави, за да направи многу варијанти и од нив да ја извлече најдобрата.
Сметате ли дека уметноста денес може да ја наполни чашата со вода, но не и да ја згасне жедта?
– Во извесна смисла да. Но, тоа се случува и со другите уметности, во областа на театарот, филмот, сериозната музика. Кај нас во овој момент имате милион фестивали, натпревари, но нема музика, нема слика, скулптура, нема драма, ниту опера. За жал, немаме дело, настан кое ќе одтрае во нас и ќе го однесеме како вреден показател на нас, за состојбите во кои се наоѓаме, во кои живееме.
Извор на слики: https://www.vladimir-georgievski.com/





