Со „старовремска книжевна вечер“ ќе биде одбележан 90. роденден на големиот македонски поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач, Влада Урошевиќ. Настанот насловен „Вистинита но не многу веројатна историја за проф. Урошевиќ за факултетот покрај Вардар и за четирите студенти“ ќе се одржи утревечер во 19 часот, во „Литература.мк“ во трговскиот центар „Дајмонд мол“ во Скопје. Македонската книжевна и културна фела ќе му оддаде почит на академик Урошевиќ.
За неговото дело, за влијанието, за менторството и за книжевните пријателства ќе зборуваат четворица студенти на Урошевиќ: Лидија Капушевска-Дракулевска, Соња Стојменска-Елзесер, Владимир Мартиновски и Владимир Јанковски, а во улога на домаќинка ќе биде Оливера Ќорвезироска.
Настанот го организираат „Литература.мк“ и издавачката куќа „Арс Ламина“, која го објави „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, кој ја доби престижната награда „Роман на годината“. Во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, издавачката куќа реобјави и три евергрин-наслови од Урошевиќ: „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“.
Влада Урошевиќ е роден на 17 октомври во 1934 година, во Скопје. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, во 1987 година. Работел како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје. Во 1982 година е избран за доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а во 1988 година станал редовен професор. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Урошевиќ е член на ДПМ од 1961 година и член на Македонскиот ПЕН- центар.
Член е на Македонската академија на науките и уметностите (од 1997 година), како и дописен член на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и редовен член на Европската поетска академија со седиште во Луксембург. Академик Урошевиќ важи за еден од најзначајните претставници на македонскиот модернизам, фокусиран врз истражување на чудесното, фантастичното и надреалното. Освен со пишување, Урошевиќ се занимава и со преведување. Тој ги има препеано најзначајните руски и француски поети на македонски јазик.
Има објавено над 50 книги: поезија, раскази, студии, критики и есеи, антологии и романи. Добитник е на најпрестижните книжевни награди: „Браќа Миладиновци“, „Григор Прличев“, „Рациново признание“, „Кирил Пејчиновиќ-Тетоец“, „Младост“, „Нолит“, наградата на Турскиот ПЕН „Халид Един Адивар“ (2007), „Стале Попов“ (2006), орденот на московската организација на Сојузот на руските писатели „Сергеј Есенин“, како и „Роман на годината“.
Во 2023 година, покрај наградата „Роман на годината“ го доби и врвното поетско признание „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата и беше прогласен за автор на годината од Македонската асоцијација на издавачи.





