Холивудскиот актер Вилијам Болдвин ја игра главната улога во филмот „Мојата мајка е космонаут“, што деновиве почна да се снима во Албанија, а во кој копродуцент е и „Дрим Фектори“ од Скопје. Филмот е по сценарио и режија на Американецот Енди Делијана. Болдвин игра заедно со Наталија Санчез, една од најпознатите актерки во моментов во Шпанија, особено со серијата „Лос Серано“, како и Стеф Досон, Џон Гросман и Мајк Хофман.

Болдвин е познат по неговите улоги во „Сливер“, „Фер игра“, „Внатрешни работи“…
– Растејќи во Њујорк во 70-тите со „Илјада луди браќа“ (Thousand Crazy Brothers), повеќето од вас треба да ги познаваат браќата Болдвин. Сакам да покажам што се сметаше за нормално во начинот на кој татко ни нè воспита и како мама управуваше со семејството. На „Инстаграм“ ги пишувам приказните и искуствата што ги доживеавме низ начинот на кој нашите родители се однесуваа и нè нас, да бидеме тука каде што сме сега – изјави Болдвин.
Од „Дрим Фектори“ објаснуваат дека проектот ќе се снима во Албанија, Франција и Македонија, каде што се случува дел од приказната.
– Мојата улога е на Дори, девојка која се обидува да го открие минатото на своите родители и да дознае некои лоши работи од времето на комунизмот – изјави Наталија Санчез.
Сценографијата во филмот ја потпишува Влатко Зафирковски, додека костимографка е Жаклина Крстевска, снимател на звук е Дарко Спасевски, како дел од македонската екипа која што работи на проектот.

Филмот е во копродукција помеѓу Албанија и Македонија, финансиски е помогнат од македонската Агенција за филм и европскиот фонд „Еуримаж“ („Ред Хеликоптер филм“ и „Дрим Фектори“ од Македонија, а продуценти на филмот се Енди Делиана, Ана Каролина Делвекио, Стојан Вујичиќ и Огнен Антов).

„Дрим Фектори“ постои од 2007 година. Во своето филмско портфолио вклучува дела на светски познати режисери како и млади режисери чие време допрва доаѓа, а кои се прикажани на најголемите фестивали во светот. Од бројните филмски остварувања е играниот „Џган“ во режија на Вардан Тозија, добитник на повеќе награди и учесник на преку 30-ина филмски фестивали ширум светот, потоа копродукциите „Ловци на вештерки“ во режија на Рашко Миљковиќ, кој својата светска премиера ја имаше во рамките на светскиот фестивал од А-категорија во Торонто, каде што ја доби наградата од публиката, а досега е прикажан на педесетина фестивали меќу кои е и „Санденс“, или “Вера сонува за морето“ во режија на Калтрина Красниќи со кој учестуваваа на еден од најстарите филмски фестивали на светот Интернационален филмски фестивал во Венеција, кој веќе има освоено неколку меѓународни награди.
Насловна фотографија: (од лево кон десно) Вилијам Болдвин, Енди Делијана, Огнен Антов, Наталија Санчез и Стојан Вујичиќ





