Викторија Васева-Димеска: Даут-пашиниот амам е во лоша состојба, а таму се чува историјата на почетоците на македонската ликовна уметност

Најзагрижувачки е што во ваква констелација е поставена постојаната поставка. Ситуацијата во која се наоѓа Националната галерија, налага познавање на нејзината состојба, на проблемите кои се акутни и кои не дозволуваат пролонгирање на нивното решавање, вели Васева-Димеска

Управувањето со комплексна институција како што е Националната галерија на Македонија подразбира стручна, професионална личност, афирмирана во оваа бранша и со големо искуство во овој домен, особено со завидно искуство во музејската дејност. Ситуацијата во која се наоѓа Националната галерија, налага познавање на нејзината состојба, на проблемите кои се акутни и кои не дозволуваат пролонгирање на нивното решавање, вели Викторија Васева-Димеска, реномирана историчарка на уметност која беше директорка на оваа институција пред 25 години и која раководеше со големата санација на Даут-пашиниот амам и уредувањето на Чифте амамот. Тоа беа градежни зафати од огромни размери. Васева-Димеска долго време е во пензија, но сè уште е активно вклучена во музејската дејност. Во интервјуто за Умно.мк таа зборува за почетоците на Уметничката галерија „Скопје“, денес Национална галерија на Македонија, за важноста на Постојаната поставка, за приоритетите што мора да ги има оваа институција, за стручниот кадар што треба да ја раководи.

На почетокот на новиот милениум бевте директорка на Уметничката галерија „Скопје“, институција основана во 1948 година чии први раководители биле доајените на македонската современа уметност Борко Лазески и Никола Мартиноски. Во какви услови била формирана оваа институција и со која првична цел?

– По ослободувањето, македонските уметници го организираат и збогатуваат културното милје на сопствениот простор, поставен во сосема нова политичка и географска даденост. Тие се враќаат дома со цел своите наталожени искуства стекнати на академиите надвор од земјата да ги втемелат во забревтаниот процес на изградба на македонската ликовна сцена. Градот беше жеден за нови настани. Во разурнатата земја, забрзано темпо на изградба и организирање културен живот, налагаше идеите да се реализираат една по друга, преку ноќ се основаат здруженија, се отвораат училишта, павилјони … Здружението на ликовните уметници, формирано е во 1946 година од основоположниците на модерната македонска уметност Димитар Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски Вангел Коџоман и Василие Поповиќ-Цицо. За прв претседател на Друштвото бил избран Никола Мартиноски. Во 1948 година, Даут-пашиниот амам е реставриран и пренаменет во Уметничка галерија. Во своите Белешки (издадени 2001 од Националната галерија), Лазар Личеноски кажува: „Четиричлена комисија: Димо Тодоровски, Димче Коцо, Борко Лазески и јас, добивме три милиони динари за да купиме уметнички слики и скулптури за идната Уметничка галерија во Скопје, за чиј директор беше поставен Борко Лазески.“ Во таква еуфорична атмосфера се раѓаше националната програма која воспостави нов крвоток во културата и уметноста. Она што основоположниците на македонската современа ликовна уметност го постигнале, прескокнувајќи го дијалектичкиот уметнички развој низ кој Европа веќе беше поминала, внесувајќи во тешката атмосфера на балканскиот „пејзаж“, западноевропски дух, е херојски потфат, дело што, можеше да го создаде само фанатична, исконска сплотеност и предаденост на уметноста.

Во времето кога раководевте со оваа установа целосно го реновиравте Даут-пашиниот амам. Чинам тогаш почна и санацијата на Чифте амам. Каков предизвик беше да се организира ваков потфат?

– Од 1999 до 2002 година имав чест да раководам со тогашната Уметничка галерија. Мојата приоритетна цел беше да го реновираме Даут-пашиниот амам (којшто прерасна во Национална галерија на Македонија), во него да ја реализираме постојаната поставка на македонската ликовна уметност 14-21 век и да го санираме, да го оспособиме Чифте амамот (кој беше руиниран и се користеше како алтернативен простор), за изложбена дејност. Поставката практично претставува единствено место каде што може да се види развојот на ликовната уметност во Македонија, од средновековните икони до рецентните ликовни остварувања. Таков зафат беше голем предизвик и уште поголема одговорност. За конципирање на содржината на поставката беше оформен стручен тим од афирмирани уметници, професори, кустоси … Во архивата на Националната галерија постојат записи за текот на работата, за критериумите според кои е направен изборот. Делата што ни недостасуваа ги позајмивме од Музејот на современата уметност, неколку експонати од Музеј на град Скопје, од уметниците, а потоа сукцесивно го организиравме откупот, но некои од нив самите автори ги подарија. Колегијално, сите се вклучија, сите помогнаа. Тогаш е донесен и акт со кој е регулиран начинот на менување и збогатување на поставката. Паралелно се одвиваше реставрација и конзервација на експонатите.

Во меѓувреме отпочнавме и со процесот за припојување на Чифте амам кон Националната галерија. Околу овој објект, една од најубавите градби на турската профана архитектура, изграден во средината на 15 век, со години наназад се кршеа копја на кој ќе му припадне. Вo 1999 година, co одлука на Владата на Република Македонија, амамот ѝ е доделен на користење на Уметничката галерија во функција на мултимедијален изложбен простор. Co финансиска поддршка на Министерството за култура, Електростопанство на Македонија и Македонски телекомуникации, во 2001 година започнаа обемни конзерваторски и реставраторски работи. До средината на август 2002 година објектот е целосно реновиран. Значи, од 1999 до 2002 година е извршена санација на двата објекта под надзор на Заводот за заштита на спомениците на културата, со спонзорирани 75 отсто од трошоците за санација.

Можам да кажам дека упорно се држевме до целта што си ја поставивме, работевме со големо заемно разбирање и ентузијазам, без прекин четири години гледавме со радост како се склопува мозаикот, како се ближи целта. Сите овие факти архивирани во НГМ се заборавија, дури ниту во Монографијата за Националната галерија не се спомнува овој податок. Не верувам дека имаме толку слаба меморија, но политизацијата и непрофесионалноста, по сè изгледа, одредени структури здушно ги негуваат.

Објектите имаат двојно значење. Тие се споменици на културата, а внатре се чуваат и излагаат уметнички дела кои дел од националната колекција чии збирки се исто така заштитени со Закон. Какво е значењето на оваа институција за историјата на македонската уметност и култура воопшто?

– Токму од причина што објектите имаат двојно значење, од круцијална важност е да се чуваат и негуваат и просторот и содржината во него, бидејќи прoстоpoт е животна средина на уметничкото дело (А.Фосион). Во спротивно, ја трошиме иднината. Во секој случај, е неопходно просторот да биде „здрав“, за да во него опстојат делата, културното ликовно наследство, богатството кое е историја, рецентна состојба и патоказ за иднината, во специфична и препознатлива атмосфера што и ја дава архитектурата. Контрастот што се создава меѓу суптилната стара архитектура и новите ликовни изрази ги збогатува и експонатите и архитектурата во нивниот соживот во кој се дополнуваат и проткајуваат.

Историјата на почетоците на македонската ликовна уметност е испишана „на ѕидовите“ на Даут-пашиниот амам, во секој нејзин дел се чита и историјата и традицијата на македонскиот народ, историјата на културата … архитектурата, на првите основополжнички чекори, на ентузијазмот на првата генерација македонски ликовни уметници. Чифте амам, пак, ја доби улогата на промотор на новите генерации, новите тенденции во ликовната уметност, отворајќи ги вратите на својот волшебен, провокативен и респектабилен простор за говорот на уметноста.

Според кои критериуми треба да се избира директор на институција, комплексна како Националната галерија на Македонија? На последниот конкурс аплицираа четворица кандидати – три вработени во Галеријата и еден надворешен кандидат, кој е избран за директор…

– Управувањето со една таква комплексна институција како што е Националната галерија подразбира стручна, професионална личност, афирмирана во оваа бранша и со големо искуство во овој домен, особено со завидно искуство во музејската дејност. Ситуацијата во која се наоѓа Националната галерија, налага познавање на нејзината состојба, на проблемите кои се акутни и кои не дозволуваат пролонгирање на нивното решавање. Личноста поставена да ја води институцијата мора да ја познава галериската, но пред сè, музејската дејност, да има визија за нејзиното устројството, да ги има предвид, да ги воспостави вредносните параметри, приоритетите … критериумите кои не подразбираат проектирање во иста рамнина, туку да бидат нагласени разликите меѓу битно и небитно, во спротивно, сè станува еднакво значајно, односно безначајно. Да ангажира веќе афирмирани стручни лица како консултативен тим, а кои професионално ќе ги елаборираат своите искуства, мислења, визии … бидејќи долгогодишната работа во институцијата остручува за маркирање, детектирање на проблемите, а со тоа го олеснува и патот за нивното решавање. Да нагласам дека Галеријата има етаблиран стручен кадар со високо професионален однос и одговорност кон институцијата како свој дом.

Искрено посакувам Националната галерија успешно да ја реализира својата програма, која ја конципираше стручниот тим и која е дел од материјалот со кој конкурираа трите колешки од Галеријата, и од искуство можам да кажам дека само професионална, стручна поставеност, креативност, искуство во галериско-музејската дејност, колегијалност и отворен дијалог, водат кон добро, здраво, успешно функционирање на институцијата.

Кои се основните задачи и цели на оваа комплексна институција која опфаќа галериска, музејска дејност, но и заштита на културното наследство? Иако сте повеќе години во пензија, Вие припаѓате на генерацијата реномирани историчари на уметност кои поставија високи стандарди во оваа дејност во Македонија. И сè уште сте активна во Вашата професија. Како ја оценувате состојбата со музејските и галериските институции денес, во однос на состојбата на уметничките дела во националната колекција, откупот на нови дела, проблемот со недостиг од конзерватори, решавање на проблемот со несоодветни депоа во Националната галерија?

– Сите проблеми кои ги спомнувате се како врзани садови. Тие произлегуваат еден од друг. Факт е дека Музејот на современата уметност располага со наменски конципирани, добро организирани депоа, но делата се подвижни, живеат во повеќе простори, менуваат поднебја за излагање … тие се организам што бара внимание, грижа, „лекување“ и љубов кон оваа професија. Депоата се од круцијално значење, но не ги исклучуваат оштетувањата што настануваат од редица други причини надвор од ракувањето и чувањето во депоата.

Од друга страна, Националната галерија, и покрај трите излагачки простори, нема соодветни депоа, со други зборови, алармантни се условите во просториите кои се импровизирани депоа. Од тие причини делата се во загрижувачка состојба и доколку не се дислоцираат во соодветни простори, оштетувањата рапидно ќе се зголемуваат, еден добар број од експонатите е реставриран, но и тие се враќаат на старото место. Во најлоша состојба е Даут-пашиниот амам, каде што веќе и мермерот на подот се подига од влагата, а одредени делови од ѕидовите ги влажат платната на сликите. Но, најзагрижувачки е што во ваква констелација е поставена постојаната поставка. Во секој случај, поставена во соодветни услови, Постојана поставка не би требало да се поместува, таа треба да се освежува, реконципира (како е првично и дефинирано) и нејзиното времетраење не смее да биде условено од „списокот на желби“ кој кога сака и по секоја цена да го користи нејзиниот простор за времени проекти.

Во Чифте амам состојбата е нешто подобра. Поставено е (во реновирањето 1999 година) подно греење што во голема мера ја намали влагата, но не ја елиминира. Олеснително е и тоа што просторот подразбира времени изложби, така што делата не се изложени на ризик подолго време. „Мала станица“ е исто така проблематична според својата „влажна“ состојба, несоодветни канцеларии, мали извори на светлина, неорганизиран простор. Сметам дека за овој објект можеби треба да се најде подобра солуција, да се пренамени за други цели за кои архитектите, „заштитарите“ и кустосите треба да дадат решение. Конечно, една од можните солуции е двата амама да останат излагачки простори, но за постојаната поставка да се обезбеди или нов објект или, доколку е тоа можно, да се адаптира некој од постоечките објекти во градот. Би било пофункционално во секој од објектите да се назначи стручно, одговорно лице инаку ќе продолжат да (не)функционираат под геслото „бриго моја, преѓи на другога“.

Имам впечаток дека акцентот, години наназад, е врз пренагласената изложбена дејност и за разлика од времето на мојата генерација, генерално не се води особена грижа за состојбата на самите уметнички дела. Вината не е само во институциите, туку, пред сè, во недостигот на стручен конзерваторски кадар и сложениот механизам за заштита. Колку што сум информирана, Националната галерија има побарувања за конзерватори. Постоечкиот кадар би требало да се активира, но и да се поттикнат младите да се определат за оваа дефицитарна бранша.

Што се однесува до откупите, нивниот интензитет со години варира … а и тоа е логично. Битно е да се дополнуваат, да се дефинираат периодите, да се откупат делата кои би ги пополниле празнините во колекцијата. И конечно, каде ќе се депонираат (во Националната галерија) делата кога е алармантен недостигот на таков простор и условите под кои се чуваат сега. Значи, пак се враќаме на круцијалните работи, на состојбата на делата во објектите во кои ги чуваме нашето минато и нашата иднина и која не толку бавно ја трошиме, на музејската дејност како приоритетна проблематика.

Гледано од сегашен аспект, сметам дека тежиштето би требало да се насочи кон спасување на состојбите во кои се наоѓаат објектите на Националната галерија. Програмата не претставува проблем, таа се менува, коригира, но секако треба да се редуцира преголемиот број изложби, кој не секогаш подразбира и задоволителен квалитет … Но, проблемот е каде таа ќе се реализира и кои консеквенции носат несоодветните простори.

(ПРОДОЛЖУВА)

Насловна фотографија: Национална галерија на Македонија

Сподели