Величковиќ, Јанкуловски, Миро, Кристо, Манев и Павловски изложени во галеријата „Остен“

Во галеријата „Остен“ е поставена изложбата „6 уметници од колекцијата на Остен музејот Скопје“. Поставени се дела од: Владимир Величковиќ, Мице Јанкуловски, Кристо, Свето Манев, Жоан Миро и Таки Павловски.

Творештвата на секој од уметниците има важно место во колекцијата на „Остен“ и секој уметник е наградуван со водечка награда на „Остен биеналето“.

Владимир Величковиќ(1935 г. – 2019 г.)
Гран при за животно остварување на Остен биеналето на цртеж – Скопје 2010

Величковиќ дипломирал на Архитектонскиот факултет на Универзитетот во Белград. Од 1963 до 1966 година бил асистент во мајсторската работилница на Крсто Хегедушиќ во Загреб. Во 1965 година, тој бил почестен со награда на Биеналето во Париз, каде што се преселил следната година. Величковиќ го привлекол вниманието на јавноста во 1967 година со изложбата во Galerie du Dragon во Париз, која го етаблира како еден од водечките уметници на уметничкото движење Наративна фигурација. Во 1983 година бил избран за професор на École nationale supérieure des Beaux-Arts во Париз и таму предавал до 2000 година.

Во 1985 г. Величковиќ бил избран за член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ) и за почесен доктор на науки на Универзитетот во Крагуевац, а во 2012 е примен за надворешен член на Македонската академија на науките и уметнистите (МАНУ). Бил почестен со највисокото француско признание во областа на културата и уметноста – Командант на редот на уметностите и зборовите. Неговите слики се изложувани во многу земји во Европа и Америка од 1951 година.

Мицко Мице Јанкуловски (р. 1954 г.)

Награда „Рембрант“ на Остен биенале на цртеж Скопје 2020, Награда од Светската асоцијација на визуелни уметности (САВУ)

Дипломирал на Факултетот за архитектура при Универзитетот во Скопје. Како уметник, со децении е јавно присутен преку повеќе уметнички дисциплини (карикатури, сликање на стакло, анимирани филм, палиндроми…), додека постојано е посветен на истражувањето и создавањето во областа на сликарството и цртежот.

Неговата биографија содржи повеќе од шеесет самостојни изложби во земјата и во странство и забележителни претставувања на значајни меѓународни изложби и биенални манифестации, како во Фиренца, Санкт Петербург, Солун, Венеција, Торино, Ларнака, Варна…

Добитник е на многу награди меѓу кои: 2022 – Национална награда за животно остварување „11. Октомври“; 2020 – Награда Рембрант за извонредност во уметноста (од САВУ – Светска асоцијација за визуелни уметности); 2019 – Награда Ел Греко за најдобар уметник (Арт Тесалоники, Грција); 2019 – Награда „Лоренцо Ил Мањифико“ за животно дело (XII Биенале во Фиренца, Италија); 2017 – Гран при (19-то меѓународно биенале за печатење, Варна, Бугарија); 1997 – Гран при Светска галерија на карикатура, Скопје; 1985 – Награда „13 Ноември“ на Град Скопје …

Покрај многубројните написи, книги и каталози за неговата професионална работа, објавени се и неколку монографии за творештвото на Јанкуловски, со текстови од домашни и странски ликовни критичари и меѓународно познати историчари на уметноста. Јанкуловски е вклучен во антологијата „Македонска карикатура“ од Владимир Величковски (1994) и во антологијата „Визуелните уметности во Македонија – XX век“, Книга II – Мултимедијална уметност од Соња Абаџиева (2017).

Кристо (1935 г. – 2020 г.)

Гран при за животно остварување на Остен биеналето на цртеж Скопје 2012

Кристо е роден на 13 јуни 1935 година во Бугарија. Тој ја напуштил Бугарија во 1956 година, прво во Прага, Чехословачка, а потоа избега во Виена, Австрија, во 1957 година, а потоа се пресели во Женева, Швајцарија. Во 1958 година, Кристо отиде во Париз, каде што ја запозна Жан-Клод Денат де Гилебон (1935 г. – 2009 г.) која е не само негова идна сопруга, туку и неговиот животен сопатник во создавањето на монументални просторни уметнички дела.

Од раните дела „обвиткани предмети“ до монументални проекти на отворено, уметничките дела на Кристо и Жан-Клод ги надминаа традиционалните граници на сликарството, скулптурата и архитектурата. Некои од нивните дела се Обвитканиот брег во близина на Сиднеј (1968–69), Долинска завеса во Колорадо (1970–72), Ограда за трчање во Калифорнија (1972–76), Опкружени острови во Мајами (1980–83), Обвиткан мостот Понт Нојф во Париз (1975–85), Чадорите во Јапонија и Калифорнија (1984–91), Обвиткан Рајхстаг во Берлин (1972–95), Портите во Централниот парк во Њујорк (1979–2005), Пловечките столбови на италијанското езеро Исео (2014–16), и Лондонската Мастаба на лондонското Серпентин Езеро (2016–18).

По завршувањето на обвитувањето на Триумфалната капија во Париз (1961–2021) тимот на Кристо и Жан-Клод се врати да се фокусира на единственото трајно, големо јавно уметничко дело на уметниците: Мастаба, Проект во Обединетите Арапски Емирати, кое започна во 1977 г.

Сè до 1994 г. заслугата за нивните дела се препишувала само на „Кристо“, кога делата на отворено и големите внатрешни инсталации биле ретроактивно потпишани како „Кристо и Жан-Клод“.

Свето Манев (р. 1945 г.)

Посебно Гран при на Остен биенале на цртеж Скопје 2022

Свето Манев е роден 1945 година во Свети Николе, средно училиште за применета уметност (отсек графика) завршил во Скопје, кај професорите Димитар Пандилов, Драгутин Аврамовски Гуте и Драгослав Маринковиќ Пенкин. Академија за применета уметност (I и II степен) на отсекот сликарство завршил во Белград во 1970 година, кај Миодраг Вујачиќ Мирски, Александар Томашевиќ и Рајко Николиќ.

Од 1963 до 1970 работи на конзерваторско-реставраторски зафати со екипи за заштита на фреско-живопис на десетина цркви и манастири во Македонија, а во периодот од 1970 до 1975 е ангажиран на конзервација и документација на античките мозаици во Хераклеја кај Битола. Од 1970 до 1985 година работи како ликовен педагог во Централното основно училиште „Гоце Делчев“ во Битола. Член е на ДЛУМ и на ликовната група „77“.

Во Скопје живее од 1985 година со статус на слободен уметник, притоа, една учебна година работи на Факултетот за ликовни уметности како надворешен соработник за предметот пластична анатомија. Од 2002 г. е професор на ФЛУ по предметот акт. Има реализирано бројни самостојни и групни изложби, а студиски престои има остварено во Англија, Холандија, Грција, Полска и други земји.

Жоан Миро (1893 г. – 1983 г.)

Награда „Светско културно наследство“ на Остен биенале на цртеж Скопје 2014

Жоан Миро е роден на 20 април 1893 година во Барселона, Шпанија. Неговиот зрел стил еволуирал од тензијата помеѓу неговиот фантастичен, поетски импулс и неговата визија за суровоста на модерниот живот. Работел интензивно во литографија и изработил многу мурали, таписерии и скулптури за јавни простори. Својот интерес го концентрирал на симболот, не давајќи премногу значење на репрезентативната тема, туку на начинот на кој симболот се појавил како дело. Тој имал многу ексцентричен стил што е олицетворение на неговиот уникатен пристап кон неговите уметнички дела. И покрај неговата слава, Миро, интроверт по природа, продолжил да се посветува исклучиво на истражувањето и создавањето. Во 1976 година во градот Барселона официјално била отворена Фондацијата „Јоан Миро“ Центар за современа уметност, а во 1979 година, години пред неговата смрт, бил прогласен за почесен доктор на Универзитетот во Барселона. Починал на 25 декември 1983 година во Палма де Мајорка, Шпанија.

Таки Павловски (1939 г. – 2023 г.)

Посебно Гран при на Остен биенале на цртеж Скопје 2020

Роден 1939 година во с. Желин, Костурско. Дипломирал на Академијата за применета уметност во Белград, 1964 г. во класата на професорот Миленко Шербан, оддел сценографија. Бил на студиски престојувања во Будимпешта, Москва, Киев и Ленинград. Во 1975 година користи стипендија за студиски престој во Париз. Во 1985 и 1990 година користи и сликарско ателје во Париз.

Бил доцент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и член на ДЛУМ од 1967 г. со голем број самостојни и групни изложби во Македонија и во светот.

Награди и признанија:

1969 Награда на НИП „Ново Скопје“; Награда за сликарство „ Лазар Личеноски“, XXXVII ДЛУМ; 1986 Награда за сликарство на авторска агенција, XXXVII ДЛУМ; Награда за сликарство „Димитар Пандилов“, ДЛУМ „Сликарство мал формат“; 1992 Скопје, Гран При, ДЛУМ, Зимски салон; 1998 Награда за сликарство „11-ти Октомври“ ( награда за животно дело); 2004 Награда за цртеж, ДЛУМ, НУБ „ Св. Климент Охридски“; 2011 Посебна награда на конкурсот за акварел на Општина Карпош. Национален уметник на Македонија. Академик на ВАНУ.

Почина во Скопје на 18 мај 2023 г.

Сподели