Две мориња и топотот на срцето меѓу нив

Пишува: Александра Јуруковска

„Две мориња“ од Јосип Коцев е непроценлив влог во највисоките врвови на македонската лирика.

Новиот поетски ракопис на Јосип Коцев „Две мориња“ („Антолог“), пред читателот отвора едно неповторливо поетско искуство, една лиричност доведена до точка на совршенство, една интимистична поетика толку достојна, пред сѐ на себеси. Она што Коцев го најави уште во 2015 година со своето првенче „Јас, Квентин Скриблер“, а растеше во неговите следни дела, сега е сосема препознатлив знак за неговото веќе зрело поетско писмо: непоправлив лиричар, мајстор на кусиот, прецизен, а сепак толку раскошен стих.

„Две мориња“ е мало по обем, а бескрајно по значење – пространство од кое извираат неодоливи слики на страст, копнеж, љубов и еротски полнеж. Испаеани како во еден здив, ова се толку лични, интимни записи, небаре шепот при љубовен чин, небаре допир за поздрав и збогум. Поетскиот глас во нив е тивок, исповеден, мечтателен, молбен, а сепак толку моќен, оти воедно е и крик никулец на овој улав свет.

Низ песните во „Две мориња“ дише и рика љубовта и најсилниот копнеж за неа и по неа. При тоа, читајќи ги, не сме секогаш на чисто дали таа (љубовта) е сегашна, се случува сега и тука, дали е сеќавање или пак копнеж по нешто недостижно? Во овој ракопис и самата песна е љубов, но и дом / што не ми е ни заборав/ ни спомен.

Токму таа песна расте, не стивнува, не молкнува, туку е тука и бидува химна на:

Страст што распнува меѓу две мориња
Дали е овој во којшто
усните ме болат од молк,
а рацеве од копнеж…

Во поезијата на Коцев стиховите се сведоци на допири што ѕемнат и си споменуваат за топлини. Низ нив читателот се губи и тоне во виор од чувства. Тие се и времеплов и албум на сеќавања по убавини по кои се тагува или плаче со насмевка на лицето. Тие се и збогување со детството и пречек на зрелоста, пливање во две мориња кои на човека му се даденост.
Во еден момент гласот што се слуша е глас на дете, на момче, а во следниот веќе на носталгичен старец кој се обѕирнува кон минатото, до таму до каде што му стигнува погледот – до најубавото лето во детството, како она во песната „Најраспространетата вистина“.
И повторно, во најголемиот дел од песните доаѓа нежниот, а длабок глас на зрел љубовник со вечно копнежлив страстен поглед, свртен кон едно езеро што го памети топотот на срцето.

Во стиховите Јосип Коцев многу непретенциозно, многу нежно, внимателно, а сепак сигурно и мајсторски гради светови од љубовни пејзажи обоени од бранови, вишнов сок, од крајот на некоја река, од некоја вечна пролет или вечно лето.

Во тој раскош од бои, мириси, вкусови и допири нема ништо одвишок, нема ресло. Ниту еден збор не е преголем или премал, ниту една строфа не излегува од некоја своја мерка.
Филигрански прецизно, со усет за нежност, за трепет, за мигот кога застанува здивот, Коцев со оваа книга гради храм за најголемата од сите религии – љубовта. Низ неа или со неа тој гради и еден цврст поетски храм на нашата книжевна сцена, книга која ќе има сигурен и долг живот меѓу поклониците на вистинската и чиста поезија, онаа што може да ја напише само поет кој не се плаши да изусти: излегувам од својот живот за да ти пишувам…

„Две мориња“ од Јосип Коцев е непроценлив влог во највисоките врвови на македонската лирика.

Сподели