Велешки средношколци учеа за големите македонски уметници

Вработени во галеријата пред група ученици држеа предавање за животот и творештвото на некој од големите претставници на македонската модерна уметност чии дела се дел од колекцијата на Националната галерија

„Музеј во училиште, училиште во музеј“ е насловен едукативниот проект на Националната галерија предвиден како дел од годишната програма за оваа година. Со отворена покана до предметните професори за ликовна култура во повеќе средни училишта низ градовите во Македонија, Националната галерија понудила можност за дополнителна едукација.

– Заради неможноста за колективна посета на учениците, со оглед на далечината или распоредот на проектните активности во рамките на наставната програма, дојдовме до идеја, ние да го донесеме музејот/галеријата во училиштата за да ги запознаеме учениците со животот и творештвото на современите македонски уметници. На наше задоволство, поканата беше прифатена од младите педагози, секогаш отворени и расположени за соработка – велат од Националната галерија.

Вработени во галеријата пред група ученици држеа предавање за животот и творештвото на некој од големите претставници на македонската модерна уметност чии дела се дел од колекцијата на Националната галерија: Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Томе Аџиевски, Никола Мартиноски, Омер Калеши, Боро Митриќески, Димо Тодоровски, Катја Ефтимова, Љубомир Белогаски, Томо Владимирски, Борко Лазески, Васко Ташковски, Димитар Пандилов, Димитар Папрадишки и Танас Луловски. Прва дестинација беше Велес. Таму се одржа предавање за животот и делото на Димитар Андонов-Папрадишки со што Националната галерија на Македонија се придружи во одбележувањето на јубилејот 70 години од смртта на овој автор, еден од последните зографи кој истовремено најави нов период во развојот на модерната македонска ликовна уметност, период на преродба која ги донесе и првите дела на профано сликарство.

– Да се претстават достоинствено и презентираат соодветно творците кои низ вековите и децениите учествувале во создавање на националната културна ризница е едно од примарните настојувања и определби на Националната галерија. Обврска на нашата институција е грижа, заштита, чување, негување и презентирање на културната оставина заради нас и идните генерации – истакна директорката Маја Неделкоска-Брзанова на неодамнешното свеченото отворање на изложбата по повод 70 години од смртта на Папрадишки во организација на Народниот музеј од Велес.

Неделкоска-Брзанова истакнува дека двете институции имаат остварено соработка преку организација на заеднички проекти како тематски изложби и јубилејни одбележувања по повод одредени значајни датуми на наши еминентни ликовни автори. Една од овие соработки е и одбележувањето на јубилејот 150 години од раѓањето на Папрадишки – изложба која беше отворена 2009 година во Националната галерија, во Даут-пашиниот амам.

– Ваквите настани го чуваат нивниот спомен, го премостуваат просторот и времето меѓу реалното физичко постоење и духовното опстојување во колективната меморија на нашиот народ, отворајќи пат до идните генерации – вели Неделкоска-Брзанова.

Во Велес го посетија средното училиште „Коле Неделковски“. Благодарение на ликовниот педагог Павлина Јовановска, пред група ученици ликовниот едукатор Ацо Таневски од Националната галерија зборуваше за Папрадишки (1859-1954), првиот сликар кај нас кој започнува да се занимава со профано сликарство, конкретно портретно и пејзажно, фигуративни композиции со фолклорни и историски теми. Тој им објасни на учениците дека од портретите на Папрадишки се издвојуваат ликовите на неговите современици, на младата граѓанска класа – трговци, занаетчии, учители, свештеници, понатаму на своите блиски, користејќи фотографија како предлошка за моделот.

– Според успешноста на портретите, всушност најуспешниот дел на неговото профано сликарство, неговиот стил се смета за почетокот на академски реализам, но поточно е да се каже фотографски реализам. Како наивен веризам, односно битов реализам со елементи на наивност и романтичност, се толкуваат делата со фигуративни композиции со фолклорни и историски теми, каде иако не е најуспешно совладана анатомијата на цела фигура, се сметаат за први од овој вид кај нас – им раскажа Таневски на средношколците.

При оваа посета, Националната галерија ја користи можноста да ја потврди својата општествена одговорност, да подари каталози и монографски изданија од сопствената издавачка дејност и да ја збогати збирката на библиотечниот фонд на средното училиште „Коле Неделковски“.

Фото: Национална галерија

Сподели