Ви го претставуваме прочитот на писателот Веле Смилевски на поетската книга „Филмски песни“ од Дејан Трајкоски. Книгата е издание на „Бата прес“. Текстот на Смилевски го пренесуваме интегрално:
Дејан Трајкоски, етаблиран прозен писател, сега ја објавува својата прва поетска книга со наслов „Филмски песни“. Она што до сега го знаевме за Трајкоски, како осведочен познавач на филмската мајсторија, и она што сега го дознаваме за него како поет со префинето чувство во користењето на поетските средства за да го сублимираат и, условно речено, да го практицираат во уметноста како важен чин на духовните дострели. Станува збор за иновациски поетски проект кој Трајкоски го изведува консеквентно на завидно естетско рамниште.
Оваа поезија и во рецепцијата и во толкувањето нужно бара извесно предзнаење за да се изнајдат поврзувачките нишки на филмот и поезијата како творечка преокупација на Трајкоски. Во оваа смисла да потсетиме дека секоја песна има визуелен прилог, кадар од филм кој е инспиративен поттик за создавање на стиховите, но и спознаен сегмент кој ја овозможува и олеснува комуникацијата на читателот со песната. „Секогаш ги гледаме нешатата каде што ги нема“, вели на едно место поетот, како да сака да потсети на автономијата на својот поетски ракурс во однос на текот на филмските слики.
Во таа игра од зборови и слики како да се „обликуваат нови граматички времиња / раѓајќи сегашно невозможно / и идно болно / од минато несвршено.“ За таквиот спој Трајкоски има своја поетска дефиниција: „Како копно и вода се. / Секогаш допрени / А неспоени.“ Треба посебно да се подвлече дека оваа поезија може и треба да се чита и без доведување во врска со филмскиот сегмент. „Постојам во неа / Оти постојам во себе / И обратно“, условно ги употребуваме овие стихови во објаснувањето на ваквото уверување. Сигурно е дека оваа поезија треба и со иницијацијата и тој контекст е добар, тоа е авторовата идеја што ја оквалификуваме како иновација, но сепак песната ја задржува својата посебност и таа може да се чита како автономно дело. „Недостижното е насликана реалност“, вели на едно место поетот и тоа важи за сликата и на песната и на филмот.
Има една минијатурна антологиска песна “Gegen dire wand” која гласи: „Го гледам она што е пред мене / Откако ќе го видат други. / Не сум ни молња / Ни грмотевица. / Само простор / Што го исполнува времето помеѓу.“ Таа прекрасна визуелна, звуковна и просторна сензација се раѓа во допир со идеите од интермедијален контекст, а тоа е миг кога песната почнува да функционира со она што е нејзина специфика, со значењата и пораките, низ слики искажани со зборови.





